21.12.2012, 15:38 (ФОТО) Државата со вино си го наплаќа долгот од „Повардарие“
Ангел Данов
Неготино - Драма се случуваше во Винарската визба „Повардарие“ во текот на денешниот ден откако работниците не дозволија да влезат извршители. Застанати на влезната врата, не дозволуваа да влезат ниту цистерните кои требало да го соберат виното за државата да си го наплати долгот. Интервенираше и полицијата, вработените беа истуркани, а се кинеа и синџирите и катанците од влезната капија.
Извршителите не сакаа да контактираат со новинарите, оти не сакале да се рекламираат во медиумите.
„Немаме ништо против извршителите, меѓутоа ако се легитимираат како што треба. Сметаме дека не е испочитувана процедурата околу наплатата и не ни е се' исто дали ќе извршуваат нешто што не треба или треба. Ние сме тука за да го штитиме имотот и интересот на фирмата. Сметаме дека има основа да се реши проблемот на друг начин, а не вака“, рече денеска Глигор Ристов од „Повардарие“.
Сепак, по тензичната ситуација и откако беше скршен катанецот на влезот, цистерните влегоа во подрумот, ги наполнија со вински дестилат и заминаа.
„Мислам дека се' е бадијала. Нашиот глас беше за некои други органи во државата да се запознаат со овој проблем, меѓутоа е очигледно дека нема желба да се реши проблемот“, рече директорот на „Повардарие“, Ванчо Кузманов.
Во почетокот на декември, Кузманов истакна дека недоразбирањата меѓу државата и втората најголема винарница во земјава ги натерало сопствениците на „Повардарие“ да размислуваат за нејзино затворање. Сопствениците од Србија биле незадоволни од непочитувањето на судските одлуки во Македонија. Извршителите дојдоа во винарницата за присилна наплата на даночни обврски, иако постоело решение од Управен суд со кое привремено се одложува извршувањето се' до завршување на судскиот спор меѓу државата и Винарската визба.
Царинската управа пред повеќе од еден месец и' ја одзеде акцизната дозвола на Визбата и ги затвори акцизните складишта поради даночни обврски од 40 милиони денари. Од „Повардарие“ објаснуваат дека по барање на Царинската управа, а според Законот за данок, воспоставиле и хипотека од прв ред во корист на Царината се' до конечно решавање на спорот, па затоа и одлуката за извршување ја прелеала чашата. Сметаат дека е неправедно долгот да се наплаќа со одземање вински дестилат, бидејќи со тоа директно им се попречува работењето. За нив е нејасно ако државата е цврсто решена да наплати даночен долг, зошто не го направи тоа од сметката.
Останува отворено прашањето дали оваа винарница сега ќе биде способна да го исплати откупеното грозје од лозаропропизводителите, а секогаш за време на откупот помагаше со поголеми количини кои и не ги планираше за откуп.
„Секако, оваа ситуација ќе има влијание. Се' уште е рано да коментираме за последиците од денешното упаѓање на извршители во Визбата“, рече за „Утрински“ Љупчо Аризанов, претседател на „Агротиквешија“. |