22.12.2012, 17:59 Уште една координација за одблокирање на буџетот
Во меѓувреме заседава и Комисијата за финансирање и буџет, но без претставник на Владата
Во Собранието на Република Македонија попладнево се одржува уште едно продолжение на координацијата за одблокирање на носењето на буџетот.
Во меѓувреме заседава Комисијата за финансирање и буџет, но без претставник на Владата. Претходно заседаваше Законодавно-правната комисија, а пратениците од опозицијата се обидоа да ја блокираат комисијата, со свирчиња, со довикувања, а на моменти се пееја и македонски народни песни. Претседателката на комисијата, Благодродна Дулиќ и нејзиниот заменик, Малиша Станковиќ наизменично ги читаа амандамните што ги прифати Владата.
Пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека пратениците во Собранието на Република Македонија се сведоци на најнискиот, највулгарниот и најжестокиот обид да се стопира нормалната работа на парламентарните комисии.
- Овој хаос кој што го внесува СДСМ во работата на Собранието е израз на нивната немоќ, на нивното незнаење, на нивната безидејност и на нивниот страв од пораз на нормални, редовни, регуларни, локални избори. На што сме сведоци денеска. Законодавно-правната Комисија чиј претседател е госпоѓата Благородна Дулиќ агресивно триесетина пратеници од СДСМ и нивните коалициони партнери се обидуваат на секој возможен начин да го стопираат нејзиното нормално функционирање, изјави Димовски.
Димовски рече дека на ЗКП опозициските пратеници им пречеле на претставниците на службите, односно на стенографките.
- Имавме недолично однесување кое што Македонија не го видела дваесет години досега. На другата Комисија за финансирање и буџет која работи без претставник на Влада и без потребен кворум за работа има еклатантно злоупотребување од страна на Горан Мисовски и Игор Ивановски кои Комисијата денеска ја користат како партиска говорница со отворен Собраниски канал за да држат прес - конференција. Тоа досега во овие 20 години не се случило, рече тој.
Тој рече дека со ова СДСМ јасно покажала дека сака да ја закочи работата на Комисиите во Собранието и нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ апелира до нив оваа ситуација што ја предизвикуваат во Собранието, со навреди, со обиди за физички напади, со закани, со злоупотреба на Комисиите да ја прекинат заради тоа што внесуваат немир кај граѓаните.
Димовски рече дека некој седи во својот комотен партиски кабинет и диктира со овој театар, но, дека директната одговорност за било кои последици ќе ја носат оние луѓе кои што се директни извршители на ова ниско, агресивно и лошо за државата сценарио.
|