21.12.2012, 14:28 Музиката на семејството Штраус ќе се слуша во Домот на АРМ
Гала-новогодишниот концерт на Македонската филхармонија ќе се одржи на 26 декември, а Операта ќе се посвети на празникот Василица
Игривите дела на семејството Штраус и годинава и кај нас се во фокусот на новогодишната концертна програма. Веќе утре, со детскиот симфониски концерт на Македонската филхармонија, кој ќе се одржи во Домот на АРМ во 12 часот, и со кој всушност почнуваат новогодишните концертни случувања во земјава, публиката ќе може да ги слушне делата од мајсторите на виенските валцери и полки - членовите на семејството Штраус. Филхармонијата, всушност, следејќи ја традицијата, и новогодишниот концерт за деца кој ќе се одржи под диригентската палка на Борјан Цанев, го посветува на композиции кои имаат т.н. новогодишен дух или предзнак. Покрај Штраус, денеска ќе прозвучат и дела од Чајковски и Римски-Корсаков.
Инаку, традиционалниот гала-новогодишен симфониски концерт, Македонската филхармонија ќе го одржи на 26 декември во Салонот на Македонската опера и балет во 20 часот, повторно под диригентство на Борјан Цанев. Од Филхармонијата најавуваат возбудлива музичка вечер која ќе биде исполнета со нови и интересни композиции од мајсторите на виенските валцери, мазурки и полки - членовите на семејството Штраус, како и дела на Чајковски, Римски-Корсаков, Бородин и Монти.
„Овој концерт, кој е многу популарен кај македонската публика, барем за миг ќе ги пренесе присутните во раскошот на Виена додека на концертниот подиум музичарите на Македонската филхармонија ги изведуваат прекрасните и игриви мелодии“, велат од Филхармонијата. Билетите, кои се пуштени во продажба и за кои има голем интерес кај публиката, се продаваат за цени од 600, 800 и 1,000 денари.
Инаку, најчесто име на репертоарот на сите концертни куќи особено во Европа, е секако Штраус. Делата на семејството Штраус се сметаат за задолжителна музичка литература на која публиката е навикната, но и очекува да ги чуе заради нивниот танцувачки, весел карактер. Од Филхармонијата најавуваат и изненадувања за публиката кои не сакаат да ги откриваат.
Македонската опера и балет, пак, оваа недела ќе се посвети на најмладите, односно ќе ги изведе балетските претстави - „Доктор Офболи“, на 23 декември и „Снежана и седумте џуџиња“, на 28 декември.
Операта, сепак, и годинава во однос на празничните концертни случувања акцентот го става на концертите за Василица, кои ќе се одржат на 12 и 13 јануари, а за кои од оваа куќа најавуваат изведба на популарни оперски арии. (Т.И.)
Виенскиот новогодишен концерт со маестро Франц Велзер-Мест
Љубителите на класичната музика со нетрпение го очекуваат традиционалниот Виенски концерт кој ќе се одржи на 1 јануари во 11, 15 часот и кој директно ќе се пренесува на ТВ-екраните во повеќе од 70 земји низ светот. Годинава зад пултот на најпознатиот оркестар ќе застане Австриецот Франц Велзер-Мест кој новогодишниот концерт на Виенската филхармонија го водеше само пред две години, во 2011-та.
Франц Велзер-Мест е генерален музички директор на Државната опера во Виена. Од првиот концерт што го одржа со Виенската филхармонија во 1998 година, Велзер-Мест и овој оркестар развија брилијантна уметничка соработка, која ја карактеризираат бројни концерти во земјата, но и надвор од неа. И новогодишниот Виенски концерт, најавуваат од Виенската филхармонија, кој ќе се одржи во Златната сала на Виенскиот Музикфераин, ветува уште едно незаборавно искуство. Се разбира, програмата претежно ќе ја чинат делата на семејството Штраус (Јохан Штраус таткото, Јохан Штраус синот, Едвард Штраус, Јозеф Штраус), но и дела од други композитори со т.н. оптимистички опус на валцери, полки, мазурки, маршеви.
Новогодишниот концерт е престиж за диригентите и досега зад пултот на Виенската филхармонија застанале имиња како Лорин Мазел, Херберт фон Карајан, Клаудио Абадо, Зубин Мехта, Рикардо Мути, Жорж Претр...
|