20.12.2012, 10:01 Премиера на бајката „Грдото пајче“
Во Театарот за деца и младинци денеска во 19 часот ќе може да се види прекрасната бајка „Грдото пајче“ во драматизација и режија на Деан Дамјановски
Сунчица Уневска
Денеска во 19 часот во Театарот за деца и младинци ќе може да се види прекрасната бајка „Грдото пајче“ на Ханс Кристијан Андерсен, чија драматизација и режија е на Деан Дамјановски. Интересно е дека оваа класична детска бајка досега не била поставена во овој театар, па нејзиното поставување било голем предизвик за Дамјановски.
„Станува збор за доста специфична бајка, која се смета дека е автобиографска“, рече Дамјановски, објаснувајќи дека тоа е и приказната за Андерсен, кој како млад се чувствувал како грдото пајче, за потоа работите сосем да се изменат. „Целата оваа бајка, за разлика од другите, повеќе се потпира на внатрешна рефлексија, на внатрешниот свет на малото пајче, па тоа за мене беше два пати поголем предизвик“, додаде Дамјановски, кој во овој театар втор пат го поставува Андерсен. Имено, во Театарот за деца и младинци Андерсен е поставен се' на се' четири пати, и тоа со: „Снежната кралица“, „Девојчето со кибритчињата“ и со „Малата сирена“, која беше и првата соработка на Дамјановски со овој театар.
Приказната за залутаното лебедово јајце во гнездото на патката, како што објасни Дамјановски, е замислена како басна и е дотолку поинтересна за младите. Главните улоги во претставата ги играат двете нововработени млади актерки, Емран Куртишова во улогата на грдото пајче и лебедот, и Марија Ѓорѓијовска како желчето Брзи. Куртишова изјави дека и самата инспирацијата ја барала во секојдневјето, бидејќи, надополнувајќи го Дамјановски, тоа е претстава за неприспособените, во која секој може да се препознае. Во другите улоги играат и: Изабела Новотни, Татјана Павловска- Кочовска, Предраг Павловски, Бојан Кирковски, Мартин Јорданоски. Костимите ги изработи Елена Дончева, за кои директорот на театарот Драган Довлев рече дека се многу раскошни и дека овој пат познатата костимографка се надминала самата себе. Музиката ја потпишува нивниот стален соработник Љупчо Мирковски, а сценографијата е на Кирил Василев, кој и претходно има работено со Дамјановски и освоено награда на „Војдан Чернодрински“ со нивната претстава „Шехерезада“.
За следната година Драган Довлев најави набиена агенда, односно сега засега се во план четири проекти. Тој додаде дека тие ќе продолжат со развивање и на младинската сцена, па во план е и подготовката на еден младински проект. Кога станува збор за детските претстави, Довлев рече дека е проблем што има многу малку домашни автори кои се занимаваат со пишување текстови за деца и дека тие се носат со идејата да се организира конкурс за домашен текст, чија награда би била тој да се постави во Театарот за деца и младинци. |