25.12.2012, 15:11 „Јадро“ го брани демократскиот социокултурен простор
Асоцијацијата ја информира јавноста дека застанува на браникот на демократските принципи и слободата на реагирање, критичко мислење и дејствување во Македонија
Асоцијацијата на независниот културен сектор „Јадро“, иницирана од актуелните политички случувања, денеска ја информира јавноста дека застанува на браникот на демократските принципи и слободата на реагирање, критичко мислење и дејствување во Република Македонија.
„Изминатите години сведочиме на се' постеснет простор на слободно дејствување во секој сегмент во општеството. Насилството во политичкиот и социокултурниот простор кулминираше со насилство во собранискиот дом. Нашите членови со сите свои заложби, со својата мисија и целите ќе застанат во одбрана секој обид на уривање на демократскиот социокултурен простор. Некој мора да покаже дека во оваа земја постојат граѓани кои доброволно, без ниту една партиска боја, решиле да создаваат слободно и да придонесуваат за својата земја без диригентскиот пендрек на власта.
Изминатите денови се соочивме со врвот на насилничкото одземање на граѓанското право за реакција, различно мислење и учествување во одлуките кои не ја засегаат само власта, туку сите граѓани на Република Македонија. Би сакале да ја потсетиме власта дека ова е демократска земја и дека нема да се толерира каков било знак на тоталитарно и диктаторско однесување.
Она што се случуваше деновиве е во целосна спротивност со принципите на граѓаните здружени во „Јадро“, кои како своја мисија ја имаат заложбата преку преку критички и конструктивен дијалог да се укаже на ретроградните културни политики, со воведување прогресивни, инклузивни и демократски јавни политики и практики во сферата на културата и општеството, пошироко“, стои, меѓу другото, во соопштението на Асоцијацијата на независниот културен сектор. |