25.12.2012, 14:11 Избрани четири нови врховни судии
Унапредување во повисок суд доби сопругата на портпаролот на МВР, Маја Котевска
Подновениот Судски совет денеска почна со пополнување на испразнетите места во Врховниот суд, како и во неколку пониски судови. Од шест испразнети места во највисокиот суд денеска се пополнија четири, а за две места ќе се повтори огласот. Врховниот суд цели шест месеци работеше со само 17 судии и имаше проблеми со нормалното функционирање.
Нови врховни судии станаа поранешниот министер за локална самоуправа и актуелен виш управен судија Џемаил Саити, како и скопските апелациони судијки Марика Матевска, Лидија Тасева и Снежана Георгиевска Зекирија. Унапредување во повисокиот апелационен суд во Скопје добија судијките Розалинда Ристевска, како и Маја Котевска, инаку сопруга на помошник-министерот за внатрешни работи, Иво Котевски.
Скопскиот Кривичен суд доби засилување од тројца нови судии: Душан Јосифов, Софија Лаликиќ и Ленка Давидкова, а за судија во Основниот суд-Скопје 2 е избран адвокатот Аритон Ала.Стручниот соработник Саша Ѓорѓевиќ стана судија во Основниот суд во Куманово,а Спиро Борисов во кочанскиот суд.
Претседателката на Судскиот совет Александра Зафировска најави уште една седница за в петок. Ваквото брзање во судските кругови се толкува како обид да се пополнат што е можно поголем празни места со стручни соработници и со луѓе од страна,бидејќи од наредната година стапуваат во сила новините околу изборот на судии.Доколку не се направат измени во овој дел,во иднина новите судии ќе се регрутираат само од редот на академците,поточно кандидати кои што завршиле Академија за обука на судии и јавни обвинители. (Г.Д)
|