30.12.2012, 14:25 Банките малку послабо отпорни, но профитабилни
Македонските банки во третиот квартал малку потфрлиле на стрес тестот за отпорност, кој го спроведува централната банка. „Спроведените симулации за тестирање на отпорноста на банкарскиот систем и на одделните банки во земјава на симулирани шокови, упатуваат на малку послаби резултати во споредба со крајот на вториот квартал од годинава“, се вели во најновиот извештај на Народна банка на Македонија.
Во третиот квартал на 2012 биле изведени симулации на шокови на страната на кредитниот ризик на банките, со цел да се испитаат некои од можните канали на пренесување на негативните ефекти од проблемите со кои се соочува словенечката економија, врз домашниот банкарски систем. „Спроведените симулации покажуваат отпорност на банкарскиот систем, имајќи предвид дека стапката на адекватност на капиталот по двата шока и натаму е над законскиот минимум“, велат од централната банка.
Вкупен пр��фит од 10,5 милиони евра оствариле заедно сите банки во земјава во првите три квартали. „Во првите три квартали од 2012 македонскиот банкарски систем оствари добивка од 644,3 милиони денари, која на годишна основа е повисока за 387,3 милиони денари или за 1,5 пати. Бројот на банки што остварија добивка се зголеми на 10. Зголемената профитабилност главно се должи на порастот на нето каматниот приход“, се вели во извештајот.
Кредитната активност на банките растела и во третиот квартал од 2012, но со забавена динамика. Годишната стапка на раст на кредитирањето во октомври, пак, се намалила на 6,5 отсто. „Годишната, а особено кварталната стапка на раст на нефункционалните кредити забрза во третиот квартал. Растот на нефункционалните кредити е речиси во целост условен од претпријатијата“, се вели во извештајот. (Н.Н.Ф.)
|