30.12.2012, 12:27 Црвенковски: 2013 да биде победничка
Во новогодишната честитка, лидерот на СДСМ порачува дека дојде време да се крене гласот за својата и за иднината на нашите деца
„Деновите пред Нова година и Божик отсекогаш биле и секаде биле денови за убави желби, за добри мисли, за душевен мир и семеен спокој. И искрено, од дното на душата и срцето би сакал да можам да ви упатам токму такви пораки. Дека најтешкото е зад нас. Дека ќе биде подобро. Дека како народ и како држава сме на вистинскиот пат. И само треба да продолжиме во истиот правец.
Но, кога би ви го кажал тоа, би ве лажел, а и вие би знаеле дека тоа не е вистината. А која е вистината? Дека се живее тешко и дека, за жал, ќе биде уште потешко. Дека како народ и држава не' водат кон бездна. Дека суспендираа и Устав и закон, дека ја убија и слободата и демократијата во ова�� земја. Дека Македонија, дефинитивно, не е нормална, правна демократска, туку партиско полициска режимска држава“, вели лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, во новогодишната честитка.
Според него, ова е време кога ние самите како народ треба да покажеме дека имаме потенцијал, дека имаме капацитет, дека не бидува и заслужуваме да имаме држава во која ќе се живее слободно, демократски, во која ќе бидеме еднакви по правата и обврските, во која судовите ќе одлучуваат по закон, а не по партиска директива, во која медиумите ќе ја соопштуваат вистината, а нема да ја величат лагата....
„Изборот што ни го носи оваа нова 2013 година е: или ќе продолжиме да живееме понижени, замолчени, стуткани, газени во страв и во срам, или ќе го кренеме својот глас, ќе се бориме и избориме за своето достоинство, ќе ја добиеме оваа битка за својата иднина и за иднината на своите деца! Трето нема! И секој кој мисли дека има трето, дека може да остане настрана од ова што ни се случува, се лаже и себе си и сопствената совест“, заклучува Црвенковски, посакувајќи им многу здравје и среќа на граѓаните. (П.Р.) |