03.01.2013, 14:21 Уметниците се простија од Никола Иванов-Балтон
На комеморацијата во Домот на АРМ присуствуваа голем број негови колеги, уметници, историчари на уметност од Македонија, но и негови колеги од Бугарија
ФОТО: Киро Попов
„Во предвечерието на Новата година, во неговиот драг и сончев Дојран се пресели во вечноста нашиот драг пријател и уметник, Никола Иванов – Балтон. Заминувањето од овој свет претставува Небесна тајна. Но, неговото заминување е само физичко, пријателството со него ќе продолжи и понатаму, затоа што постои една духовна енергија која ги спојува луѓето, а Балтон таа енергија ја поседуваше во изобилство“, ова беа дел од зборовите со к��и денеска, Климе Коробар се прости од починатиот сликар на одржаната комеморација во Домот на АРМ, на која присуствуваа голем број негови колеги, уметници, историчари на уметност од Македонија, но и негови колеги од Бугарија.
„Во севкупниот творечки опус на Иванов доминантно место зазема сликарството. Но тој подеднакво се интересираше и за ликовние медиуми: витраж и мозаик, така што создаде и остави многубројни дела во овие две техники“, рече историчарката на уметност Дора Андова која потсети дека Никола Иванов - Балтон беше првиот и најблизок соработник на Петар Мазев при изградбата на големиот мозаик во Спомен костурницата во Велес, но и дека неговиот творечки пат беше одбележан со над 250 нотирани библиографски единици, а ликовниот опус презентиран на многубројни самостојни и групни изложби во земјата и странство.
На комеморацијата со голем респект за животот и творештвото на сликарoт кој почина на 64 годишна возраст и кој несебично 40 години учествуваше во работата на ДЛУМ, говореа претседателката на Друштвото, Тања Балаќ, сликарите Глигор Чемерски и Милош Коџоман, а на големата пожртвуваност на Балтон во формирањето и функционирањето на познатата ликовната колонија „Свети Јоаким Осоговски“, потсети еден од нејзините оснивачи, Јордан Михајловски.
Посмртните останки на Никола Иванов – Балтон (иако беше најавено за во среда), сепак беа погребани денеска, на Градските гробишта Бутел. (К.Б.)
|