02.01.2013, 17:09 Свршувачка што однесе три млади ��ивоти
Јавноста во шок, семејствата во црно: зошто 34-годишниот Кирил Ристески ги застрела свршеничката и поранешната девојка
Горан Адамовски
Зад Основното училиште „Круме Кепески“ во скопската населба Кисела Вода тревата е во црвена боја. Локви крв ја извалкаа земјата. Тука во неделата вечерта 34-годишниот Кирил Ристески си пресуди, си го одзеде животот откако предходно уби две девојки. Со неговата смрт веројатно засекогаш ќе останат неодговорени прашањата околу причините за крвавиот настан што ја шокираше Македонија и зави во црно три семејства.
Зошто ја убил свршеничката и тоа само еден ден откако пред нејзините родители ја побарал за жена? Каков однос имал со поранешната долгогодишна девојка? Дали љубовен триаголник од кој не се наѕирал излез го натерало Ристески да посегне по три животи? Кого сакал, со кого очекувал наследници, се само дел од коцките во мозаикот што никогаш нема да се пополни. Што било вистина, што е трач? Прашањата се чувствителни, интересирањето на јавноста огромен.
Во петкатницата до градинката на улицата „Георги Димитров“ во Кисела Вода не можат да го прежалат „мирното и воспитано момче“. „Сите жалиме за него“, велат станарите.
Во трособниот стан каде што живееше Ристески не затековме никого. Неговата 84-годишна баба заедно со другите роднини ги прават последните подготовки за погребот. Соседите раскажуваат дека Кирил уште како бебе бил оставен кај баба си, која го израснала. Тој немал постојана работа, но се снаоѓал и не му одело лошо. Работел и како обезбедувач, а во последно време продавал уметнички слики, најчесто во Грција.
„Ниту пиеше ниту се дрогираше. Беше дете за пример и затоа не можеме да се изначудиме од каде се случи сега ова“, зборуваат потресено соседите. Најблиските од нив и' помагаат на бабата да ги издржи овие тешки денови. Велат дека и таа постојано се прашувала што му се случило на омилениот внук. Детали не знаат, но се сомневаат оти причините лежат во љубовниот триаголник.
„Со девојката од Аеродром беа заедно многу време. Уште се гледаа, неодамна беа заедно на одмор во Дубаи. Другата девојка од Козле му дојде дома, тој во странство, а таа сама во станот со баба му. Тој не сакаше ништо со неа, затоа и се зачудивме што се свршија во саботата. А Кирил беше чуден во последните една-две недели, замислен, отсутен, ниту ‘добар ден‘ не ни викаше кога ќе се сретневме“, зборуваат станарите во зградата број 64.
„Момчето дојде во саботата со прстен и ја побара Виолета пред нејзините родители. Двајцата беа среќни, се сакаа, заедно беа три години“, не' пречекуваат роднините на Виолета Талевска (27). Во семејната куќа во Нерези, место свадба, се организираше погреб.
Сите што ја познавале за неа зборуваат како за мирна, вредна и мила девојка. Завршила медицинско училиште, стажирала во болница, а често му помагала во бизнисот на Кирил.
„Некогаш беа заедно во странство, некогаш тој одеше сам, а таа и' помагаше на баба му на Кирил. Знаете, да бидеме искрени, до пред неделата за зетот не можевме да кажеме ниту еден лош збор“, ни велат блиските на Виолета.
Тие не знаат дека во животот на Кирил постоела уште една девојка: 27-годишната Марта Перин. Дали свршувачката на Кирил и на Виолета го забрзало вулканот кој не можел да биде сопрен? Во семејството Перин не сакаат да зборуваат во јавноста. Станарите во зградата број 22 на булеварот АСНОМ во Ново Лисиче имаат само убави зборови за Марта.
„И натаму не ми се верува што се случило. Каде баш на тие луѓе, толку се добри, фини, а како им врати животот“, ни вели низ солзи една од сосетките на Перин.
Несреќната Марта ја опишуваат како талентиран правник и срдечно девојче. И тие начуле секакви муабети, гласиштата при вакви ситуации тешко се сопираат, но е неблагодарно да се засега по човечките судбини.
Истрагата на полицијата и натаму трае. Според досегашните резултати, Ристески во неделата со својот автомобил „опел астра“ ја донел Перин пред зградата во Кисела Вода, по што ја усмртил. Се качил дома �� веднаш ја застрелал и Талевска. Неговата баба слушнала истрел, повикала полиција, Ристески излегол надвор. Неколку часа подоцна, неговото тело беше пронајдени во дворот на ОУ „Круме Кепески“, стотина метри подалеку од семејниот дом. Крај неговото тело бил пронајден и пиштол, марка „валтер“, за којшто поседувал дозвола. |