07.01.2013, 13:24 „Љубов“ најдобар филм според филмските критичари во САД
Наградата за најдобра актерка ја доби Емануел Рива, која глуми во „Љубов“, додека Ханеке е прогласен за најдобар режисер
Филмот „Љубов“ на европскиот режисер Михаел Ханеке, кој говори за пар во поодминати години кои се соочуваат со тешка болест е прогласен за најдобар филм, според оценките на американското Национално здружение на филмски критичари.
Наградата за најдобра актерка ја доби Емануел Рива, која глуми во „Љубов“, додека Ханеке е прогласен за најдобар режисер.
Група од 60 еминенти филмски критичари од сите делови на САД и од различни весници, списанија и други медиуми, кои се состанаа вчера во Линколн центарот во Њујорк го избраа Даниел Деј Луис за најдобар глумец за главната улога во филмот „Линколн“.
Метју Меконахи е прогасен за најдобар спореден актер за улогата во филмот „Волшебниот Мајк“, додека Ејми Адамс е прогласена за најдобра споредна актерка за улогата во филмот „Мастер“.
Критичарите признанието за најдобар документарен филм му го доделија на остварувањето „The Gatekeepers“ за израелската разузнавачка служна Шин Бет. Тони Кушнер ја доби наградата за најдобро сценарио за филмот „Линколн“, а наградата за најдобра камера ја доби „Мастер“.
Наградите на филмските критичари се меѓу последните кои се доделуваат пред прогласувањето на номинациите за наградата Оскар, на 10 јануари. Свеченото доделување на Оскар ќе се одржи на 24 февруари во Лос Анџелес, а „Љубов“ е австриски кандидат во категоријата за најдобар филм на странски јазик.
|