08.01.2013, 21:22 Фајон: Се уште нема договор за механизмот за враќање на визите
Според европратеничката, ЕП и Европскиот совет се‘ уште не постигнале договор околу механизмот за привремена суспензија на безвизниот режим.
„Засега единствена можност за да се вратат визите е да се менува целото европско законодавство, со што ќе се вратат земјите на црната шенгенска листа. Тоа е долга процедура која трае повеќе од една година. Јас мислам дека до тоа нема никогаш да дојде, бидејќи тоа е сериозно политичко прашање.
Механизмот за суспензијата е привремена мерка. Ако дојде до враќање на визниот режим тоа би било големо враќање назад за сите“ вели словенечката европратеничка Тања Фајон за „Дојче Веле“.
Според Фајон, во европските институции се‘ уште нема договор за промената на механизмите на Шенген зоната. „Донесувањето на механизмот за суспензија на безвизниот режи нема да биде брзо, бидејќи во декември пропаднаа преговорите меѓу Европскиот парламент и Европскиот совет“, рече таа за ДВ.
Претходно агенцијата Бета јави дека Одборот за граѓански слободи на Европскиот парламент во четврток (10.01) треба да го усвои механизмот со кој ЕУ привремено би можела да го врати визниот режим за некоја од земјите на Западен Балкан. На прашањето дали се заканува опасност визите да им бидат вратени на Србија и Македонија, извори во ЕК подвлекуваат дека единствено меродавно ќе биде откако во ЕУ ќе се утврди фактичката состојба, јави Бета.
|