07.01.2013, 12:21 (ФОТО) Православните христијани го слават Рождеството Христово - Божик
Во сите храмови на Македонската православна црква изутринава се одржуват божикни литургии
ФОТО: Киро Попов
Православните христијани во Македонија денеска го слават Рождеството Христово-Божик. Во сите храмови на Македонската православна црква изутринава се одржуват божикни литургии. Централното одбележување е во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде што архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан ќе богослужи Златоустова литургија.
По повод Божик г.г. Стефан и членовите на Светиот архиерејски синод на МПЦ, до свештенослужителите, монаштвото и до сите верници, упатија Божикно послание во кое им пожелуваат мир и благослов од Бога, поздравувајќи ги со радосниот и торжествен поздрав - Христос се роди!
„Празникот на Христовото раѓање е време за облагородување на нашите срца и мисли. Тоа е можност да познаеме - што е свето и што е вистина... Божик е празник на мирот, празник на слогата и единството. Затоа ги повикуваме нашите духовни чеда, каде што е присутна меѓусебната недоверба, каде што има расправии и поделби, да го слушнат гласот на Мајката Македонска православна црква и да тргнат по патот на простувањето и помирувањето, а заради сеопштото добро. Никој друг нема толку да ни помогне колку што самите и мораме и треба да си помагаме, конечно, сфаќајќи што е добро и што е зло за сите и разликувајќи ги времените од вечните вредности“, се вели во пораката до верниците.
„Да го прославиме Божик, денот на Христовото Рождество радосно и достоинствено, и овде во Татковината, а и секаде каде што не има по светот, со љубов и со побожност, онака како што Богомладенецот беше прославен од Дева Марија, од пастирите, од ангелите и од мудреците, во онаа величествена витлеемска ноќ, пред повеќе од две илјади години. Бог на мирот, љубовта и проштевањето нека биде постојано со сите нас! Честито и благословено Новото лето Господово, Христос се роди! – Навистина се роди!, се наведува во Божикното послание на архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и членовите на Светиот архиерејски синод на МПЦ.
|