08.01.2013, 13:00 Објавена „Историја на Македонија“ од Павел Шатев
Книгата е издание на „Македоника“ и Државниот архив и претставува прв том од оставината на Шатев, чии трудови досега речиси воопшто не се објавувани во Македонија
Друштвото за издавачка дејност „Македоника“ и Државниот архив на Република Македонија ја објавија книгата „Историја на Македонија“ од Павел Шатев, како прв том од оставината на Шатев, чии трудови досега речиси воопшто не се објавувани во Македонија. Изборот и преводот е на Предраг Димитровски, кој е автор и на воведот, а стручната редакција, коментарите и предговорот се на проф. д-р Зоран Тодоровски.
Во богатата оставина на Шатев, меѓу другото, се зачувани и повеќе трудови за историјата на Македонија, кои според опфатот на историските периоди ја зафаќаат речиси интегралната историја на Македонија. На историјата на Македонија Шатев и се посветил последните години од животот, користејќи и цитирајќи релевантна светска литература.
Трите пообемни труда на Шатев кои ја опфаќаат речиси интегралната историја на Македонија и претставуваат прва покомплетна Историја на Македонија, напишана од еден македонски интелектуалец се: 1) Македонија низ вековите. Македонија во древноста, средниот и новиот век; 2) Доаѓањето на Турците на Балканскиот Полуостров. Ропство под владеењето на турските султани (пишуван во 1944 година во затворот во Ќустендил) и 3) Врховизам и централизам-федерализам. Два светогледа, два концепта.
На крајот на книгата, како прилог, е објавена и македонска хронологија изработена од Шатев, која го опфаќа периодот од 1878 до 1903 година.
На почетокот на првиот дел, Павел Шатев ја наведува следната предговорна белешка: - Трудот што настанува е само дел од историјата на Македонија низ вековите. Тоа е повеќе еден аспект во кој некои точки, што засегаат одделни прашања, до скоро спорни во науката, се разработени, уточнети, објаснети од лица специјалисти – археолози, историчари, етнографи, општественици. Со тоа се придонесува младото поколение да се запознае и осветли со редица прашања за кои толку живо беа заинтересирани сите наши млади и стари дејци и општественици... Јас ќе сметам дека целта на книгата е постигната ако предизвика интерес кај некои историчари – специјалисти, со определени принципиелни и методолошко надминати појдовни позиции, да ги разработат, расветлат и уточнат и останатите прашања од историјата на Македонија од древноста до наши денови“.
Оставината на Шатев има повеќе од 4000 страници во ракопис и уште три труда посебно објавени во Бугарија непосредно по Првата светска војна. Оригиналните ракописи и целокупното зачувано творештво на Павел Шатев се наоѓаат во Државниот архив на Хрватска, а микрофилмовите со право на објавување минатата година на новинарот Предраг Димитровски му ги отстапи Милка Шатева – ќерка на Павел Шатев.
Издавачот соопшти дека во неколкуте тома од пишаната оставина на Шатев, покрај неговите трудови, документи и материјали, ќе бидат објавени и белешките за него и записниците од неговите сослушувања во некогашната ОЗНА, а сето тоа заедно, наведува издавачот, ќе фрли нова светлина не само врз името и делото на еден од најзначајните македонски дејци на 20 век, туку и врз македонската историја.
- Како што Предраг Димитровски пишува во воведната белешка, пренесувајќи го и мислењето на Милка Шатева, „единствената грешка на нејзиниот татко Павел Шатев била што тој никогаш не се согласил да биде комунист и тоа го платил со својот живот. Дали тоа навистина било пресудно е работа на историчарите, но непобитен е фактот дека името на последниот гемиџија, бриселскиот доктор по право, конспиративецот и прв министер за правосудство на слободна Македонија стана парадигма за сликата на македонскиот револуционер. Двапати осудуван на смрт, еднаш од турскиот султан и вторпат од бугарскиот цар, и на двапати помилуван, стана жртва на сопствената Македонија на која и го посвети целиот свој живот, информира издавачот на книгата „Историја на Македонија“ од Павел Шатев. |