08.01.2013, 10:39 Бајките на браќата Грим во Кинотека
Филмовите, снимени според бајките на браќата Грим, се германска продукција и во Кинотеката ќе се прикажуваат од 12 часот
Кинотеката на Македонија во соработка со Институтот Гете од денеска до 18 јануари ќе прикаже пет филма снимени според бајките на браќата Вилхелм и Јакоб Грим. Со тоа се придружува на светската прослава на јубилејните 200 години од нивната збирка „Бајки за деца“, објавена на 20 декември 1812.
- На тој начин децата ќе дознаат многу повеќе за госпоѓа Холе, Пепелашка, Снежана, бременските музиканти и сите други херои од бајките на браќата Грим, кои се задолжителна лектира за секое дете во светот, а се дел и од светското културно наслед��тво и во списокот на пишувано културно наследство на УНЕСКО. Бајките на Грим се и подлога за безброј филмски адаптации, соопшти Кинотеката.
Петте филмови се германска продукција и во Кинотеката ќе се прикажуваат од 12 часот. Филмот што денеска ќе го отвори утринското кино од циклусот „Волшебниот свет на браќата Грим“ е „Пепелашка“ во режија на Уве Јансон, снимен во 2011, кој ќе биде прикажан и утре.
На 10-ти и 11-ти напладне ќе има проекција на „Масата, магарето и стапот“ на Улрих Кониг од 2008, на 12-ти и 14 јануари „Снежана“ на Томас Фројнднер од 2009, на 15-ти и 16-ти филмот „Госпоѓа Холе“ на режисерот Бодо Фурнајзен од 2008 и на 17-ти и 18 јануари ќе биде прикажан „Бременските музиканти“ режиран од Дирк Регел во 2009-та. |