08.01.2013, 15:05 (ФОТО) Македонија подготвена за големи дела
Претседателот Ѓорге Иванов ги прими ракометарите во пресрет на нивното учество на 23. Светско првенство, што ќе се одржи од 11 до 27 јануари во Шпанија
ФОТО: Петр Стојановски
Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска ги прими членовите на македонската машка ракометна репрезентација, во пресрет на нивното учество на 23. Светско првенство во ракомет за мажи, кое ќе се одржи од 11 до 27 јануари во Шпанија.
Посакувајќи им успех на првенството, Иванов, рече дека од нив се очекува да го дадат максимумот и да направат се што е во рамките на нивните можности.
- Се надеваме дека ќе го повторите успехот што го постигнавте на Европското првенство во Србија минатата година. Горди сме на вас, бидејќи со вашите успеси ја афирмирате Република Македонија, истакна македонскиот претседател.
Како што наближува стартот на 23. Мундијал расте оптимизмот во таборот на машката ракометна репрезентација. Веќе се слушаат и посмели најави од приоритетниот пласман во осминафиналето, па средниот бек Филип Миркуловски, на пример, порача дека националниот тим е зрел за четврт-финале. Капитенот Кирил Лазаров, пак, ја смирува топката и вели дека мора да се оди чекор по чекор. Во рамките на групата Б во Севилја ги очекуваат пет натпревари, со два слободни дена меѓу нив и тоа мора да се издржи и физички и резултатски.
„Мислам дека сме добро физички подготвени. Во работата е вклучен и кондицискиот тренер Даниел Јуришиќ, со кој имам лично искуство од времето кога играв за Загреб, а со него работеа и играчите на Металург, кои добро ги познава“, вели најдобриот македонски ракометар.
Лазаров не го интересира сопствениот рекорд по бројот на голови на еден мундијал од 92 гола, колку што постигна на СП 2009 во Хрватска, туку пласман подобар од тогашното 11. место. Тој беше дел и од тимот што дебитира на светските шампионати во Египет 1999, кога Македонија заврши на 18. позиција.
„Не сум оптоварен со рекордот. Мене тогаш тимот ме направи рекордер. За да имам добри претстави во националниот тим треба и моите соиграчи добро да играат. Тимот го исфрлува поединецот. Ако сакаме да направиме успех, тој не може да зависи од два-тројца играчи, туку мора да бидат расположени што повеќе ракометари“, смета десниот бек на Атлетико Мадрид.
На официјалната страница на првенството, но и на „сликањето“ во „Кале“ пред заминувањето на контролните средби во Ниш минатата седмица, тој ја истакнува поддршката од навивачите како битен предуслов за големи дела и на Иберискиот Полуостров.
„Свесен сум дека нема да имаме толкава поддршка од трибините како во Србија и во Хрватска, но сигурен сум дека доста Македонци ќе дојдат да не' бодрат. Колку и да бидат, 200, 300 или 500, тие ни се неопходни. Се надевам дека, како што ќе одминува првенството, со нашите игри ќе привлекуваме уште навивачи да тргнат на долгиот пат до Севилја“, вели лидерот на оваа генерација македонски ракометари.
Македонија своето трето учество на планетарните ракометни собири ќе го почне в сабота од 15,45 ч. против Чиле, а утредента од 18 ч. е дуелот со Катар. Следува слободен ден, по кој на 15 јануари е пресметката со Исланд од 18 ч., а следниот ден и со Русија од 15,45 ч. По уште еден ден пауза, на 18 јануари од 20,15 ч., доаѓа шлагот - европскиот шампион Данска.
Четирите најдобри селекции продолжуваат во осминафиналето, а двете последно пласирани во групата ќе играат во т.н. Претседателски куп. Првото и второто место во Севилја водат во Сарагоса, третото и четвртото во Барселона, а се вкрстува со групата А од Гранолјерс, во која ќе се натпреваруваат Франција, Германија, Црна Гора, Тунис, Бразил и Аргентина.
Хансен: Македонија ќе сака одмазда
Најдобриот ракометар на европскиот првак Данска, Микел Хансен, потсетува на искуството со Македонија од Европското првенство во Србија, кога токму таа победа на стартот до вториот круг ги врати во живот, за потоа да стигнат до круната.
„Сите велат дека сме фаворити, но нема да биде лесно да се освои првото место во групата. Не смее да се заборави дека ја совладавме Македонија со многу среќа, па сега таа сигурно ќе посакува одмазда. Ќе биде тешко и со Исланд, противник што традиционално ни создава многу проблеми“, изјави Хансен.
|