10.01.2013, 15:18 Акцент на Чиле и на Катар
Со две победи во првите две кола би била обезбедена основната цел - пласман меѓу 16 најдобри селекции во светот
РОБЕРТ ДИМИТРИЕВСКИ
Водејќи се од сопствената девиза „чекор по чекор“, најдобрите македонски ракометари се фокусирани на првите два натпревара на 23. Светско првенство во Шпанија што ќе почне денеска. Аутсајдерите Чиле утре и Катар во недела се први на менито на петтата европска селекција и никој не сака ни да помисли на поинаков резултат против нив освен победа. Дотолку повеќе што два триумфа во групата Б во Севилја, во која избраниците на селекторот Звонко Шундовски ќе ги одмерат силите и со Исланд, со Русија и со европскиот шампион Данска, гарантира осминафинале. А тоа е основната цел на мак��донската репрезентација во нејзиното трето учество на мундијалите по Египет 1999, каде што дебитира со 18. место, а во Хрватска 2009 заврши 11.
„Фаворити сме против Чиле и Катар, но нашиот менталитет не ни дозволува да се олабавиме и да кажеме дека тие две средби се однапред добиени. Ако сме паметни, во тие два меча не треба да се трошиме, туку да победиме со искуство, за потоа свежи да ги очекуваме дуелите со големите европски селекции“, го има рецептот за успешен старт капитенот Кирил Лазаров.
Акцент на првите два натпревара става и селекторот Звонко Шундовски.
„Тие се многу битни за нас и се надевам дека СП ќе го почнеме со две победи. Со Чиле не би требало да имаме проблеми, а Катар е сериозна репрезентација, која три-четири месеци се подготвува за ова првенство. Играат сосем поинаков ракомет од европскиот и можеби се малку послаби од Египет, кој го победивме на контролниот меч во Ниш“, вели Шундовски, кој против преостанатите ривали во групата смета дека шансата треба да се бара против Исланд. „Со Данска, со Русија и со Исланд сме играле и мислам дека во моментов најмногу ни одговараат Исланѓаните поради многуте промени во нивниот состав. Добро е што пред дуелот со нив ќе имаме и слободен ден, кој ќе го искористиме за што подобро да се подготвиме“.
Ништо поразлично не размислува ни левото крило Дејан Манасков, кој својот голем потенцијал го најави на ланското ЕП во Србија, за сега хрватскиот портал „Индекс“ да го вброи во идеалната седморка на млади ракометари на СП во Шпанија.
„Првите два меча за нас се најбитни. Ако ги добиеме, ни се отвораат картите за подобар пласман во групата, а со тоа и за поповолен противник во осминафиналето“, повторува синот на македонската ракометна легенда Пепи Манасков.
Македонија стартува утре од 15,45 часот против Чиле, а во недела од 18 ч. е средбата со Катар. Понеделник е слободен ден, во вторник од 18 ч. „црвено-жолтите“ ќе играат со Исланд, а ден потоа од 15,45 ч. со Русија. Уште еден ден пауза, па настапот во групата ќе се заокружи на 18 јануари од 20,15 ч. против Данска. Двете најуспешни селекции во групата осминафиналето ќе го одиграат на 20 јануари во Сарагоса, третиот и четвртиот на табелата продолжуваат во Барселона, а двата последнопласирани тима на 21 и 22 јануари во Гвадалахара ќе разигруваат за пласман од 17 до 24 место во т.н. Претседателски куп.
|