07.01.2013, 14:28 Раката на Суарез му донесе триумф на Ливерпул
Тимот од Енфилд до победа против петтолигашот Менсфилд (2:1) стигна преку гол што го постигна Суарез претходно играјќи со рака, а кој на крајот се покажа решавачки
Луис Суарез кој е критикуван поради расистички навреди, како и изнудување прекршоци за пенали уште еднаш се посрамоти постигнувајќи нерегуларен погодок на дуелот меѓу Ливерпул и петтолигашот Менсфилд. Неговиот тим важеше како апсолутен фаворит, но до победата стигна преку гол што го постигна Суарез претходно играјќи со рака, а кој на крајот се покажа решавачки околу конечниот победник. Ливерпул славеше со 2:1. Менсфилд не се бранеше туку тргна во израмнување, но во нивната намера ги прекина Суарез, кој во 59. минута ја смири топката со рака по што го измами голманот на домаќините и ја затресе неговата мрежа. Напаѓачот на „црвените“ не го призна делото, дури си ја бакна раката и се израдува на голот кој и судиите на чело со Андре Маринер го признаа и покрај тоа што видоа што се случи. Менсфилд до крајот успеа да го намали поразот преку погодокот на Мет Грин. Многумина се сеќаваат на Саурез и неговата интервенција со рака на дуелот меѓу Гана и Уругвај на СП во Јужна Африка со што спречи сигурен гол за Африканците. Благодарение на неговата златна рака Уругвај се пласира во полуфиналето.
Челзи го елиминираше Саутемптон со 5:1, а вистинско шоу имаше новото засилување Демба Ба. Сенегалецот постигна два гола потврдувајќи дека ќе биде одлично засилување во нападот на „сините“.
Во останатите средби Њукасл загби од второлигашот Брајтон со 2:0 за 11 пораз во последните 14 натпревари во сите конкуренции.
|