08.01.2013, 14:57 На Меџитлија запленети 350 килограми марихуана
Дрогата од Албанија била скриена во девет креветски душеци, а била наменета за илегалните пазари во Холандија
Љубиша Станковиќ
Во камион натоварен со креветски душеци, полицијата и Царината во вчера вечер, на граничниот премин Меџитлија, пронајдоа и запленија 350 килограми марихуана. Станува збор за меѓународен канал за трговија со наркотични дроги што започнувал во Албанија, а чија крајна дестинација била Холандија.
Како што објасни министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска запленатата марихуана е со висок степен на квалитет и цената на илегалните пазари би достигнала еден милион евра.
„Дрогата била скриена во десетина душеци, интересен е начинот на кој што дрогата била спакувана. Станува збор за материјал кој што е сличен на оној од кој што се изработени душеците“, изјави Јанкуловска на вчерашната презентација на која беа присутни и министерот за финансии, Зоран Ставревски и директорот на Царинската управа, Ванчо Каргов.
Утврдено е дека нарачатели на пратката се македонски државјани и оти дрогата преку Македонија и Грција, требало да биде транспортирана во Холандија. Истрагата покажала дека уште кој крајот на минатата и во првите денови од оваа година, Р.К. (64) и И.Н. (45), двајцата од струшкото село Велешта, заради понатамошна продажба, од соседна Албанија набавиле поголема количина марихуана. Тие, за да ја реализираат нивната намера, ги ангажирале Г.П. (41) и И.М. (33), двајцата од Битола, заради обезбедување на легален транспорт на душеци за кревети, а битолчанецот Т.С. (42) бил задолжен да најде транспортно возило и возач, но и извозни царински документи. Битолчанецот успеал да обезбеди камион, а како возач ангажирал извесен Ц.К. (57), исто така од Битола, додека за обезбедување на извозните царински документи го ангажирал Љ.С. (21). од Битола.
Кога натоварениот камион, марка „МАН“ со велешки регистарски таблички, околу 21 часот, пристигнал на преминот Меџитлија, врз него бил извршен детален царински претрес. Во товарниот дел биле душеците кои биле декларирани, но во девет од нив биле пронајдени 344 пакувања со марихуана.
„Групата ја сочинувале седум лица и сите се македонски државјани. Петмина се веќе обезбедени, а се трага по уште две лица“, потврди министерката Јанкуловска.
Полициската истрага покажала дека душеците биле товарени во селото Велешта, откако претходно биле извадени девет душеци и на нивно место биле ставени исто толку идентични душеци во кои што била скриена марихуаната.
Инаку, за сите инволвирани во обидот за илегална трговија со марихуана, Царината до Јавното обвинителство поднела кривични пријави за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги.
|