14.01.2013, 15:55 Изненадување на изборите во Чешка
На претседателските избори во водството е левичарскиот политичар Милош Земан
Првиот директен избор на еден претседател во Чешка донесе и прво изненадување. Министерот за надворешни работи, Карел Шварценберг, на изненадување освои повеќе гласови од еден од фаворитите, поранешниот премиер Јан Фишер, и за две недели во вториот круг ќе ги одмери силите со Милош Земан.
По пребројувањето на речиси сите гласови, 68-годишниот Земан освои 24,2 процента, додека 75-годишниот Шварценберг освои 23,4 проценти. Поранешниот премиер Јан Фишер, кој според анкетите постојано беше второпласиран, меѓу деветтемина кандидати освои 16,36 проценти.
На гласањето во петокот и во саботата ниту еден од кандидатите не освои ап��олутно мнозинство, поради што ќе се одржи втор круг гласање на 25 и 26 јануари.
„Земан го репрезентира минатото“, рече Шварценберг пред приврзаниците во Прага. „Затоа во наредните 14 дена треба да се одлучи кој курс ќе го одбере Чешката Република“, изјави благородникот Шварценберг. Чешка мора повторно да си го пронајде местото во срцето на Европа.
Земан од 1998 до 2002 година ја предводеше социјалдемократската малцинска влада. Тој му префрлува на Шварценберг дека како партиски шеф на конзервативната ТОП09 е содговорен за политиката на штедење на владата.
Повеќе од осум милиони избирачи првпат директно можеа да избираат претседател, затоа и се проценува дека интересот беше невообичаено висок. Одѕивот на изборите изнесува 61 процент. За споредба, на последните избори за Сенатот минатата есен учествуваа 34,9 проценти граѓани со право на глас.
Актуелниот претседател и критичар на ЕУ, Вацлав Клаус, по десет години на функцијата, повеќе не можеше да се кандидира.
|