14.01.2013, 15:54 Тунис без Бен Али
И две години по крајот на неговото владеење, на граѓаните не им е до славење
Патот до демократија е потежок отколку што Тунижаните мислеа и се надеваа по бегството на деспотот на 14 јануари 2011 година. Граѓаните на крајот на 2010 и почетокот на 2011 година четири недели протестираа на улиците за слобода и демократија, но многу проблеми се присутни и две години потоа. „Ситуацијата би можела да биде подобра“, смета студентот Мохамед. „Има многу општествени и политички проблеми. Ако владата и опозицијата соработуваат, тогаш ќе тргне напред“.
Но, владата не може да се справи со проблемите во земјата, пред се', економските. Економијата страда се' уште од последиците на револуцијата. Многу туристи не доаѓаат поради страв од нереди, а странските инвеститори станаа попретпазливи, затоа што штрајковите и уличните блокади се постојано на дневен ред и тоа го запира производството во фабриките. Невработеноста, според официјалните податоци, изнесува 17 проценти и е повисока отколку пред револуцијата. Во некои региони, особено во внатрешноста на земјата, речиси половината од населението е без работа, а околу 40 проценти од апсолвентите на факултетит, исто така, се во потрага по работа.
Тунижаните ги забележуваат последиците од кризата секојдневно во своите паричници. Тие се се' попразни, затоа што цените на прехранбените производи се превисоки. Инфлацијата изнесува околу 6 проценти. Веќе три месеци речиси воопшто нема млеко, а компирите и месото се толку скапи, што многумина веќе не можат да си ги дозволат. Тензичната ситуација постојано ги тера луѓето на протести. И адвокатската Хајат Јазар демонстрира пред парламентот за да ја искаже својата лутина. Таа се жали дека во Тунис не функционира ништо. „Нема праведност и нема работа. Барањата на населението ни оддалеку не се исполнети, освен слободата на мислење“.
Владата, пак, која е под раководство на умерената исламистичка партија Енахда, прави се' за да го замолчи населението, на пример, со судски процеси против „непријатните“ новинари и блогери. „Вака набргу ќе имаме повторно режим како во времето на Бен Али“, вели адвокатката Јазар.
Непосредно по револуцијата, демонстрантите бараа нов устав за да се прекине, дефинитивно, со старите диктаторски структури. Во октомври 2011 година, на првите слободни избори во Тунис, е избрано Уставно собрание кое на земјата треба да и' ги даде новите законски рамки. Тие требаше да бидат готови во рок од една година, но на пратениците им е потребно повеќе време отколку што се мислеше.
Студентот Мохамед ја следи работата на народните избраници со внимание. Тој е разочаран од нив. „Пратениците се караат за споредни работи, кои не го погодуваат тунискиот народ. Тоа е чиста партиска политика. Ако уставот биде донесен за две-три години и ако се одржат нови избори, тогаш ситуацијата во Тунис сигурно ќе се подобри“, се надева тој.
И адвокатката Хајат Јазар не ја губи надежта. Се' додека граѓаните се борат за своето мислење, ништо не е загубено. „Револуцијата е како тесто - трае малку додека стаса, но ќе стаса“. (Дојче веле) |