16.01.2013, 12:54 Бекам се враќа во Милан?
Клубот веќе почнал преговори за враќање на Бекам на „Сан Сиро“, кој доколку ги договори личните услови, би дошол како слободен играч
Англискиот ветеран Дејвид Бекам најверојатно повторно ќе заигра за италијанскиот гигант Милан, пишува престижниот „Газета дело спорт“. Милан веќе почнал преговори за враќање на Бекам на „Сан Сиро“, кој доколку ги договори личните услови, би дошол како слободен играч, бидејќи минатиот месец му истече договорот со тимот на Лос Анџелес Галакси. Бекам пет и пол сезони играше во американската МЛС-лига, но во 2009 и 2010 година кога во САД беше пауза, тој по три месеци доаѓаше во Италија и ги бранеше боите на „росонерите“. Челниците на клубот тогаш беа презадоволни од Бекам посебно од неговата професионалност. Дури и обложувалниците се' повеќе веруваат дека Бекам ќе заигра во Серија А, па коефициентот за доаѓање во Милан само за еден ден падна за дури 16 пати.
Бекам има 38 години и сигурно нема да биде во истата форма како пред неколку сезони, но неговото искуство одлично би им дошло посебно како дополнителни опции на средината на теренот. Освен Милан, за Бекам во моментов покажаа интерес уште неколку клубови. Во Катар се подготвени да потрошат многу злато само да го доведат еден од најпопуларните фудбалери во светот, додека во своите редови Бекам сакаат да го има и тимот на Пари Сен Жермен, кој прави екипа за освојување на титулата во Франција. И неколку англиски екипи се во опција за доведување на Бекам, кој доколку реши да не продолжи да игра, сигурно ќе добие работа во англиската федерација (ФА). Иако ветеран, кој и да успее да го доведе во своите редови, Бекам сигурно нема да биде евтин, бидејќи тој со себе носи добра реклама, а има изградено и одличен имиџ. |