16.01.2013, 12:38 Гвардиола најави доаѓање во Англија
Екс-тренерот на Барселона откри дека сака да ја почувствува атмосферата во Премиер-лигата
Поранешниот тренер на Барселона, Пеп Гвардиола, уште еднаш потврди дека најверојатно неговата следна дестинација ќе биде англиската Премиер-лига. Шпанскиот стратег кој моментно не работи никаде, е цел на речиси сите европски гиганти, но „најзагреани“ се премиерлигашите Челзи и Манчестер Сити. Гвардиола вели дека голема желба му било да ја почувствува атмосферата на стадионите низ Англија.
„Кога бев фудбалер не успеав да ја почувствувам атмосферата на стадионите во Премиер-лигата. Се надевам дека во иднина како менаџер ќе имам шанса да ја почувствувам атмосферата во таа лига. Сакам да ги видам реакциите на навивачите, медиумите и стилот на играчите. Во Англија секогаш има неверојатна поддршка од трибините“, рече Гвардиола, кој оваа сезона реши да се одмори малку од фудбалот, но најави дека во август повторно планира да се реактивира и да седне на нечија клупа.
Гвардиола за четири сезони поминати во Барселона ги освои сите најзначајни трофеи, а на крајот си замина со дури 14 трофеи донесени во витрините на тимот од „Камп Ноу“. Кога си замина беше испратен како херој, бидејќи од каталонскиот гигант успеа да направи да биде најдоминантниот тим на теренот во светот.
„Секогаш сум мислел дека англискиот фудбал е исклучително атрактивен. Имам 41 година и верувам дека во иднина ќе работам во Премиер-лигата", рече Гвардиола, кој на најголемиот стадион во Англија, „Вембли“ се има радувано на две европски титули. „Играв две финалиња на Вембли. Првото како фудбалер во 1992 година, а потоа и како тренер на Барселона. Во двата случаи завршив како победник и тоа е одлично искуство за мене", заврши популарниот Пеп.
|