17.01.2013, 12:58 Данците без милост за Исланд
Европскиот првак ја доби скандинавската пресметка во Севилја со 36:28
Иако уште пред натпреварот го имаше обезбедено пласманот во осминафиналето, европскиот ракометен првак Данска не само што не му ги подари бодовите на Исланд, туку и убедливо го совлада со 36:28 во четвртото коло на 23. Светско првенство во Шпанија. Четвртата победа во низа на Данците им го обезбеди првото место во групата Б во Севилја, а за пласман во елиминациите на Исланѓаните им е потребен најмалку бод в петок против директниот ривал Катар. Најдобриот тим на минатогодишното Европско првенство во Србија го контролираше мечот од почетокот до крајот, на полувремето замина со предност од 16:13, а во 41. минута се одвои на 23:17 и потоа рутински ја материјализира позитивата.
„Многу добар натпревар. Исланд беше добар во нападот, а ние ќе треба да ја подобриме одбраната во наредните денови“, изјави данскиот селектор Улрик Вилбек.
Данскиот бек Микел Хансен постигна седум гола и беше прогласен за играч на натпреварот, а најдобар стрелец со осум погодоци е Кари Кристјансон со осум погодоци.
Резултати од четвртото коло, група А: Бразил - Тунис 27:22, Германија - Црна Гора 29:21, Аргентина - Франција 23:35. Табела: Франција 8, Германија 6, Тунис 4, Бразил 4, Аргентина 2, Црна Гора 0. Последно коло, денеска: Аргентина - Тунис (16 ч.), Франција - Германија (18,15 ч.), Црна Гора - Бразил (20,45 ч.).
Група Б, четврто коло: Македонија - Русија 29:29, Чиле - Катар 23:31, Исланд - Данска 28:36. Табела: Данска 8, Русија 5, Македонија 5, Исланд 4, Катар 2, Чиле 0. Последно коло, денеска: Русија - Чиле (15,45 ч.), Исланд - Катар (18 ч.), Данска - Македонија (20,15 ч.). (Р.Д.)
|