16.01.2013, 17:13 Одземени три бода на Шкендија
По речиси повеќе од еден месец Дисциплинската комисија на ФФМ ги донесе конечните одлуки околу прекинатиот дерби-натпревар во населбата Ѓорче Петров во рамките од последното есенско коло меѓу Тетекс и Шкендија. Многу полемики донесе натпреварот кој не го дочека својот крај, откако Шкендија во 85. минута реши да го напушти теренот поради, според нив, немање безбедност и влез на еден навивач на теренот по водечкиот гол на „штофарите“.
Дефинитивно, она што се шпекулираше стана вистина. На Шкендија и' се одземени три бода од бодовното салдо и сега место 29, ќе има 26, а Тетекс наредните шест натпревари на свој терен ќе ги одигра без публика. Ова е тежок удар за Шкендија, но и за Тетекс, кој низ пролетниот дел грчевито ќе се бори за опстанокот, меѓутоа ќе мора без поддршката од својата публика поради пропустите на дербито. Двата тима се казнети и парично. Шкендија во касата на ФФМ ќе треба да уплати 3.500 евра, додека Тетекс 4.500 евра. Извршниот директор на Шкендија, Фикрет Шаќири, кој беше претставник на клубот на тој меч, е казнет со забрана за вршење каква било дејност во фудбалот во рок од 12 месеци. Неказнето поминаа тренерот на Шкендија, Артим Шаќири, и капитенот на екипата Мухамед Усеини против кои е запрена дисциплинската постапка. Инаку, Натпреварувачката комисија му додели на Тетекс службена победа од 3:0.
Од управата на Тетекс најавуваат жалба на одлуката на Дисциплинската комисија, за која велат дека е превисока.
„Мислам дека казната која ни е доделена е превисока и ние, дефинитивно, ќе ја обжалиме. Во следните неколку дена ќе донесеме конечен став по ова прашање, но дефинитивно не се согласуваме со оваа одлука. Нас не не' интересира колку и како е казнета Шкендија, нас не' интересира како ние ќе се справиме со оваа ситуација“, изјави членот на управата на Тетекс, Стеван Алампиоски.
Членот на Дисциплинската комисија Блерим Беџети поднесе оставка од функцијата која ја извршуваше досега. Причина за тоа е одлуката која е донесена на вчерашниот состанок на „дисциплинците“ и која директно ја оштетува Шкендија како клуб.
„Дефинитивно заминувам од комисијата која според мене донесе сосема погрешна одлука. Лично повеќепати потенцирав дека Шкендија во овој случај е оштетената страна и дека нема причини да биде казнета. Сепак, мојот ангажман во изминатиов период не даде плод, бев надгласан и беше донесена одлука со која јас не можам да се помирам. Затоа како морален чин ја напуштам функцијата која ја извршував во оваа комисија. Јас во моментов толку можев да помогнам правдината да излезе на виделина. Се' останато нека им служи на чест на оние кои ја создадоа оваа ситуација и кои стојат зад сето ова“, изјави Беџети.
Нова табела: Вардар 38, Хоризонт Т. 35, Металург 31, Напредок 31, Шкендија 26, Брегалница 24, Дрита 23, Работнички 21, Ренова 21, Пелистер 19, Силекс 15, Тетекс 12. |