17.01.2013, 10:29 Гвардиола се реши за Баерн Минхен
Шпанскиот стратег својата авантура на кормилото на германскиот гигант ја почнува на 1 јули годинава
Трансферска бомба во Германија! Шпанскиот фудбалски стручњак Пеп Гвардиола е новиот тренер на најтрофејниот германски клуб Баерн Минхен. Чудото од тренер ќе ја почне авантурата во баварскиот гигант од 1 јули 2013 година кога ќе му истече договорот на актуелниот тренер Јуп Хејнкес, кој пак ќе замине во пензија.
„Многу сме среќни што успеавме да ја добиеме битката за фудбалски експерт каков што е Гвардиола, кој беше желба на многу клубови. Пеп е еден од најуспешните тренери во светот и сигурни сме дека ќе даде нов сјај не само на Баерн, туку и на германскиот фудбал“, изјави претсе��ателот на Бордот на директори Карл-Хајнц Румениге, најзаслужниот во преговорите за ангажман на шпанскиот стручњак.
Претседателот на Баерн, Ули Хенес, му се заблагодари на Хејнкес и му посака добредојде на Гвардиола.
„Му благодариме на Јуп Хејнкес за досегашната работа. Ќе бидеме уште порадосни ако тимот успее да го испрати со титула. Проценивме дека само специјален тренер од типот на Гвардиола може да биде негова адекватна замена“, рече Хенес.
Англиските тимови Челзи и Манчестер Сити, кои тврдеа дека се блиску до договор со Пеп останаа со празни раце. А атрактивната понуда на Баерн Минхен е причината поради која Гвардиола и покрај најавите дека сака да го почувствува предизвикот во Премиер-лигата се реши за Буднес-лигата.
„Понудата на Баерн беше најатрактивна. Значи не станува збор за финансиските услови, за парите. Гвардиола беше импресиониран од потенцијалниот тим. Тој имаше голем број на понуди, постојано се пишуваше, но ништо од тоа не беше вистина“, изјави менаџерот на шпанскиот стратег Хозе Мариа Оробитг.
Гвардиола се прослави како тренер на Барселона со која за четири години освои 14 титули вклучувајќи и две во Лигата на шампионите во 2009 и 2011 година. Клубот го напушти летото во 2012 година и реши да се одмори пред да се врати на тренерскиот занает. Сега негов предизвик е Бундес-лигата. |