17.01.2013, 15:57 ЕЛЕМ: Енергетската слика се подобрува
Долгорочна стратешка определба на менаџментот на ЕЛЕМ е зголемување, проширување и надградба на капацитети за производство на електрична енергија, но со приоритет на оптимално производство во економска, финансиска и технолошка смисла. Ова го вели Дејан Бошковски, генерален директор на АД „Електрани на Македонија“ во интервјуто за МИА.
„Наша определба е да постигнеме минимално ниво на трошоци, преку призмата на максимум продуктивност и искористеност на ресурсите. Ќе продолжиме да градиме капацитети и да ги јакнеме перформансите на објектите што веќе ги имаме на располагање. Тоа на долг рок ќе ја направи Македонија енергетски независна земја“, посочува Бошковски.
Владата, нагласува тој, преку ЕЛЕМ инвестира во домашно производство.
„Верувам дека за десетина години отсега, енергетскат�� слика ќе биде значително подобрена со нови извори на електрична енергија. Иако во последниве години се преземени огромни инвестиции во енергетски проекти, резултатите и придобивките од нив можеме да ги очекуваме за четири до шест години“, потенцира тој. |