16.01.2013, 10:01 Во Њујорк потешко ќе се доаѓа до оружје
Државата Њујорк денеска го усвои досега најстрогиот закон за поседување оружје и со тоа стана првата американска држава која ги усвои новите ограничувања во оваа област, по минатомесечниот масакр во основното училиште во Конектикат.
Пратениците во Долниот дом на Државното собрание денеска со 104 гласа „за“ и 43 „против“ ги изгласаа новите мерки, откако истото во понеделникот го одобри и Горниот дом каде имаше 43 гласа „за“ и 18 „против“.
Нацрт законот многу брзо го потпиша гувернерот на државата Њујорк, Ендрју Куомо, со што тој стана закон.
Новиот закон вклучува и целосна забрана за продажба на автоматски пушки во воен стил и со него е забранет и пристапот до оружје за ментално болните лица.
Новиот закон за оружје во државата Њујорк е донесен директно заради масакрот од 14 декември кога во основно училиште во Њутаун, во државата Конектикат, едно лице уби 20 деца и шест наставници од истото училиште.
Овој масакр предизвика национална дебата за потребата од воведување ограничувања во врска со либералните американски прописи за продажба на оружје.
Американскиот претседател Барак Обама изјави дека во среда ќе ги обелодени своите предлози за оваа тема.
Најновото истражување на Галуп и УСА Тудеј покажуваат дека е во нагорна линија бројот на Американци кои се незадоволни од законите што го регулираат поседувањето оружје и дека сега тој број изнесува 38 отсто. Тоа, меѓутоа, и натаму е помалку од оние кои ги поддржуваат либералните закони за оружје, бидејќи 43 отсто од испитаниците наведуваат дека законите се добри. Сепак, и во оваа категорија е забележена пад, со оглед на фактот дека во минатогодишното истражување законите ги поддржуваа 50 отсто од испитаниците. |