16.01.2013, 14:42 Се создава правна основа за знакот „Македонско сонце“
Се создава правен основ за уредување на формата, содржината и примената на промотивниот знак „Македонско сонце“. Заменик-министерката за економија Катерина Веловска на денешната Собраниска Комисија за економски прашања ја образложи потребата за донесување на измените и дополнувањата на Законот за стандардизација, во прво читање.
„Воведувањето на овој промотивен знак за квалитет на извозните производи, но и за производите што ќе бидат пуштени на домашен пазар, ќе значи градење на национална препознатлива марка, односно бренд. Со текот на времето производите треба да бидат препознатливи како на национално, така и на меѓународно ниво. Со ова би требало да се поттикне бизнис-заедницата да произведува што поконкурентни производи што ќе ги исполнуваат барањата за квалитет и безбедност и што ќе се пуштаат на пазарите во Македонија, во ЕУ и пошироко“, истакна Веловска.
Според неа Владата за заштита на промотивниот знак одлучи да ја користи Париската конвенција. Овој модел за заштита е препознатлив и го користеле многу држави за националното брендирање.
За добивање на националниот промотивен знак – „Македонско сонце“, физичките и правните лица, според измените и дополнувањата, треба да ги исполнуваат неколку услови, односно да се регистрирани во Централниот Регистер, да не е отворена стечајна или ликвидациска постапка и да поседуваат сертификат или друг документ со кој се потврдува дека производот е испитан од акредитирани тела и ги исполнува суштинските барања за безбедност или квалитет кои се пропишани во посебните закони. (Ек.Р.) |