14.01.2013, 15:54 Франција влезе во Мали
Францускиот министер за надворешни работи, Лорен Фабиус, изјави дека инволвираноста на Франција ќе трае „неколку недели“
Во неделата француски воени авиони го бомбардираа градот Гао во источниот дел на Мали, проширувајќи ги нивните напади длабоко на бунтовничката територија. Француската армија е во акција против исламистичките милитанти во Мали уште од петокот, помагајќи им на владините сили повторно да го заземат централниот град Кона. Франција за вчера побара состанок на Советот за безбедност на ОН за Мали.
Зборувајќи за француските медиуми, Фабиус отфрли секаква паралела со одолжената западна мисија во Авганистан. „Подоцна, ние ќе дојдеме како поддршка, но немаме намера да останеме засекогаш“, изјави тој. Фабиус изјави дека ако Франција не интервенирала, постоел ризик исламистите да напредуваат се' до главниот град Бамако, со „ужасни последици“. „Француската интервенција успеа во сопирање на нивното напередување кон југ“, додаде тој.
Офицер од армијата на Мали во саботата изјави дека верува оти повеќе од 100 милитантни се убиени. Од почетокот на француската интервенција во петокот, најмалку 11 војници од Мали и пилот на француски хеликоптер ги загубија животите. „Хјуман рајтс воч“ верува дека 10 цивили, вклучувајќи и три деца, загинаа во Кона кога силите на Мали водеа борби за повторно заземање на градот. Исламистичките групи и секуларните Туарег бунтовници ја искористија предноста од хаосот по воениот удар за заземање на северен Мали во април 2012 година. Но, исламистите наскоро ја презедоа контролата врз големите градови во регионот, ставајќи ги настрана Туарезите.
Една исламистичка група, Ансар Дине, почна со дополнително притискање кон југ минатата недела, заземајќи го стратегиски важниот град Кона. Градот оттогаш повторно е заземен од силите на Мали со француска поддршка од воздух.
Меѓународните сили поддржани од ОН од земјите во Ековас, западноафрикански регионален блок, не се очекуваат дури до есен. Меѓутоа, Фабиус изјави дека „терористите“ ја искористија предноста од ова одложување на нападот, поттикнувајќи го привремениот претседател на Мали да побара интервенција од Франција.
Францускиот министер за одбрана, Жан Ив ле Дријан, изјави дека четири авиони „рафал“ полетаа од нивната база во Франција, нападнале и уништиле бунтовнички тренинг-кампови и логистички магацини во Гао, кои дејствувале како резервни бази за терористичките групи.
Со месеци Гао е во рацете на Движењето за единство и џихад во Западна Африка (Муџао), кое заедно со Ансар Дине се обидува да ја зајакне екстремната интерпретација на исламскиот закон во северниот дел на Мали. Градот е на околу 500 км североисточно од де факто линијата на поделба меѓу северот, кој е под контрола на бунтовниците и југот кој го држат владините сили.
Анонимен извор од Елисејската палата беше цитиран во неделата од страна на АФП како вели дека француските вооружени сили се изненадени од квалитетот на борбата и опремата на милитантите против кои се борат. Дописникот на Би-Би-Си од Африка, јави дека изгледа е јасно оти француската воздушна надмоќ сега го подготвува теренот за многу поголема офанзива против исламистите. Портпаролот на исламистичката група, Ансар Дине беше цитиран како вели дека француските напади се фокусирани на три области: Кона, Дуенца и Лере. Но подоцнежните извештаи покажуваат дека француските бомбардери, исто така, за своја цел го имале и северниот град Кидал, опишан како седиште на Ансар Дине и лидерот Ијад Аг Гали.
Стравувајќи од дополнителни француски воздушни напади, борците на групата се иселија од историскиот град Тимбукту, информираше Сахара медија од соседна Мавританија.
Франција испрати околу 550 војници во централниот град Мопти и метрополата Бамако. Ним треба да им се придружат силите од соседните африкански држави Нигер, Буркина Фасо, Нигерија и Того, а некои од нив се очекува да пристигнат во Мали за неколку дена.
Обединетото кралство обезбеди два транспортни авиона „Ц17“ за помош на француските напори. Еден се очекуваше вчера да ја напушти Франција и да замине за Мали, откако во неделата пристигна од Британија. Фабиус изјави дека практична помош доаѓа и од САД, Данска и други европски држави. Исламистичките групи во Западна Африка се' уште држат неколку француски заложници и се заканија со одмазда врз нив и други француски цели. Ова ги поттикна француските власти во сабот��та да ја зајакнат безбедноста низ Франција. (Би-Би-Си)
Загина уште еден француски воjник
Исламистички бунтовници во Сомалија наведоа дека и вториот француски војник им подлегна на раните по неуспешниот обид за спасување. Командосот им подлегнал на прострелните рани и дека двете тела подоцна ќе бидат покажани. Француската армија во петокот испрати сили во јужна Сомалија во обид да се ослободи разузнавачот Денис Алекс, кој се држи како заложник уште од 2009 година. Милитантите изјавија дека тој се' уште е жив, а за неговата судбина допрва треба да се одлучи.
Портпаролот на Ал-Шабаб, шеикот Абдијазиз Абу Мусаб за Ројтерс изјави: „Вториот командос почина од здобиените повреди. Ние ќе и ги покажеме на јавноста и двете тела на Французите“. Во саботата францускиот претседател Франсоа Оланд изјави дека двајца војници се „жртвувани“ во операцијата, и дека Алекс е убиен од неговите заробувачи.
|