14.01.2013, 13:42 (ФОТО) „Арго“ го победи „Линколн“ на „златните глобуси“
Филмот на Бен Афлек донесе изненадување, освојувајќи ги наградите за најдобра драма и најдобра режија
Сунчица Уневска
Доделувањето на 70. „Златен глобус“, наградите на странските новинари во Холивуд, кое се одржа прексиноќа во хотелот „Беверли Хилтон“ во Лос Анџелес, донесе големо изненадување. Филмот „Арго“ на Бен Афлек, кој се осврнува на вистинските настани за заложничката криза во Иран во 1980-тите години, успеа да го победи големиот фаворит, историската драма „Линколн“ на Стивен Спилберг и да ги освои двете главни награди, за најдобра драма и за најдобра режија. Додека „Линколн“, кој поведе во оваа трка ��о седум номинации, ја доби само наградата за фасцинантната улога на Дениел Деј Луис, кој го игра претседателот Абрахам Линколн.
„Арго“ имаше пет номинации, но никој не очекуваше ваков скор, особено откако „Линколн“ стана фаворит и за „оскарите“, освојувајќи дури 12 номинации. Па, сепак, оваа победа на Бен Афлек многумина ја дочекаа со одобрување, сметајќи дека драмата на Спилберг, која говори за вистинските настани што се случуваат околу 13. амандман и предлогот за укинувањето на ропството во Америка е преценета и дека во прашање се политички причини. Како и да е, „Арго“ го доби својот неочекуван триумф, победувајќи уште три филма кои ги освојуваа гласовите на критичарските здруженија и се сметаа за фаворити: „Животот на Пи“ на Анг Ли, „Нула темнина триесет“ на Кетрин Бигелоу и „Разузданиот Џанго“ на Квентин Тарантино.
Триумфот во категоријата мјузикл или комедија го освои филмот „Клетници“ на Том Хупер, кој од четири номинации освои дури три награди. За најдобар актер во комедија или мјузикл беше прогласен Хју Џекмен, а за споредна женска улога наградата и' припадна на Ен Хатавеј за улогата на Фантин во оваа филмска адаптација на Хупер, кој освои „Оскар“ пред две години за филмот „Говорот на кралот“.
Веќе кажавме дека Дениел Деј Луис ја доби наградата за најдобра машка улога во драма, додека наградата за најдобра женска улога, сосем очекувано, отиде кај исклучително талентираната Џесика Честеин за нејзината ролја како оперативец на ЦИА во филмот на Кетрин Бигелоу „Нула темнина триесет“, кој го прикажува десетгодишниот лов по големиот терорист Осама бин Ладен.
Квентин Тарантино беше многу задоволен и, како што рече, пријатно изненаден што го доби „Златниот глобус“ за неговото оригинално сценарио. „Разузданиот Џанго“ е уште една откачена приказна, само овој пат за ослободениот роб Џанго и неговата одмазда откако ќе се претвори во вистински ловец на награди. Овој филм му ја донесе наградата и на австрискиот актер Кристоф Волц за споредна улога.
Наградата, пак, за најдобра женска улога во комедија или мјузикл и' припадна на младата актерка Џенифер Лоренс за улогата во филмот „Во добро и во зло“, која стана позната по нејзината ролја во наградуваниот филм „Студ до коска“, инаку победник на „Санденс“. Џенифер Лоренс беше во конкуренција со многу големи актерски имиња, како што се Џуди Денч, Мерил Стрип и Меги Смит и при примањето на наградата таа се пошегува, велејќи: „Ја победив Мерил Стрип“. Инаку, на Мерил Стрип ова и' беше 27. номинација за „Златен глобус“.
Атрактивниот филм „Животот на Пи“, кој ги помести границите во 3-Д технологијата, а на чии визуелни ефекти работеше и македонското студио ФХ3Х, имаше три номинации за „Златен глобус“, додека во трката за „Оскар“ понесе дури 11 номинации. Но, на ова 70. доделување на наградите на странските новинари во Холивуд ја понесе само наградата за најдобра музика на Мајкл Дана. Додека, сосем очекувано, „Златниот глобус“ за најдобра песна го доби Адел за насловната нумера во филмот за Џемс Бонд „Небесен пад“. Оваа година наградата „Сесил де Мил“ за животно дело и' припадна на холивудската актерка Џоди Фостер.
|