14.01.2013, 09:32 Чавез се бори за својот живот
Венецуелскиот претседател Хуго Чавез, кој не се појавил во јавноста повеќе од еден месец, откако беше подложен на четвртата операција од рак во Куба, се бори за својот живот, изјави поранешниот вицепретседател Елиас Хава.
- Ситуацијата во целина е сложена и деликатна, но вистината е дека Хуго Чавез се бори и ќе продолжи да се бори за својот живот, рече тој на средба во Каракас на владеачката Социјалистичка партија.
Хава, кој беше вицепретседател на Венецуела од јануари 2010 до октомври минатата година, претходно вчера на митинг во престолнината, организиран во знак на солидарност со Чавез, соопшти дека претседателот е жив и ќе се бори за целосно заздравување.
Слични демонстрации беа организирани во уште неколку венецуелски градови и истите беа пренесувани директно на државната телевизија.
Венецуелската влада во коминике соопшти дека здравствената состојба на претседателот е променета на подобро и дека белодробната инфекција, која тој ја добил, сега е под контрола, пренесоа агенциите.
Чавез е во свесна состојба, се посочува уште во текстот од коминикето на владата.
Чавез (58), кој со Венецуела управува веќе 14 години, и во октомври беше реизбран на функцијата, на 10 јануари не беше во можност да ја положи заклетвата за новиот мандат. |