14.01.2013, 14:20 Препораката за преговори останува
Членките на Унијата во заклучоците од декемврискиот Европски совет поставија јасен распоред и какви чекори се очекуваат од Македонија, вели портпаролот на ЕК
- Препораката на Европската комисија да и се додели датум за почеток на преговорите за членство на поранешната југословенска Република Македонија во Европската унија останува. Земјите-членки на ЕУ во заклучоците на декемврискиот Европски совет поставија јасен распоред и какви чекори се очекуваат од ПЈР Македонија, односно што да се стори за земјата да добие поволен извештај, изјави портпаролот на Европската комисијата, Петер Стано.
Во врска со тоа кога точно Комисијата ќе го објави пролетниот извештај за Македонија, од кој ќе зависи дали на јунскиот Самит на Советот ќе добиеме почеток на пристапните преговори, портпаролот Стано вели дека се` уште нема прецизен датум, но дека тоа би било напролет.
Високи извори на ЕУ кои инсистираат на анонимност, за МИА потврдуваат, дека извештајот на Комисијата ќе биде комплетиран некаде по завршувањето на локалните избори што во Македонија ќе се одржат на 24 март. Крајот на месец април и почетокот на мај се очекува да биде периодот кога оценката на ЕК за Македонија ќе биде дадена. |