15.01.2013, 10:01 Британското кралско семејство летово со нов член
Бебето на принцот Вилијам и Кетрин Мидлтон се очекува да се роди во јули, а здравствената состојба на мајката постојано се подобрува, по проблемите што таа ги имаше при откривањето на нејзината бременост
Бебето на принцот Вилијам и на неговата сопруга Кетрин Мидлтон се очекува да се роди во јули, соопшти Сент Џејмсис палата во Лондон, службена резиденција на идниот британски крал.
Во соопштението се вели дека здравствената состојба на бремената Мидлтон постојано се подобрува, по проблемите што таа ги имаше при откривањето на нејзината бременост и поради што мораше неколку денови да помине во една лондонска болница.
Претставник на крлската палата потврди дека се очекува раѓање на само едно бебе, со што се демантирани пишувањата во некои лондонски весници за тоа дека идната британска кралица Кетрин Мидлтон ќе роди близанци.
Службената потврда дека раѓањето на бебето се очекува во јули покрена нови шпекулации во британските медиуми за тоа дека детето на Вилијам може да се роди во истиот ден кога беше родена и неговата покојна мајка.
Принцезата Дијана, која загина во сообракајна несрека во Париз, беше родена на 1 јули.
Според Сент Џејмсис палатата,Вилијам и Кетрин, кои ги носат службените титули војводата и војводката од Кембриџ, нема да имаат јавни активности во догледно време. Тоа се објаснува со обрските што Вилијам ги има како пилот на кралското воздухопловство РАФ, во хеликоптерската единица за спасување. |