14.01.2013, 14:30 Да зајакнат капацитетите на женското лидерство
ФОТО: Киро Попов
Поттикнување на женското претприемаштво во Македонија е целта на Асоцијацијата на македонските жени-претприемачи „Жени бизнис-лидери“, која денеска беше промовирана во Стопанската комора на Македонија. Таа постои од крајот на минатата година и досега брои 45 члена.
„Асоцијација има цел да создаде добра мрежа меѓу македонските жени –бизнис-лидери. Тоа не е класично здружение на жени, туку на успешни жени-претприемачи. Треба да се охрабрат жените, да се насочат кон позитивните примери и на тој начин да се изградат и да зајакнат капацитетите на женското лидерство во Македонија“, рече Снежана Јовановска-Трајковска, претседателка на Асоцијацијата и сопственик на туристичката агенција „Орфеј“ на денешната прес-конференција.
Според Мирјана Марковска од адвокатската канцеларија „Марковски и Андреевски“, член на Управниот одбор, во Македонија има жени-претприемачи, но се' уште има многу простор за активности за да се зголеми бројот на жените кои носат одлуки, како и да се подобри положбата на жените-претприемачи во компаниската хиерархија.
„Цените дека има многу простор за поголема активност на жените претприемачи. Апелирам до мажите да ги поддржат претриемачите од понежниот пол и да го подобрат женското лидерство“, рече Марковска.
Во Европа, според неа, постои регулатива, која го нормира присуството на жените во управните одбори и во одлучувачките позиции во компаниите, додека кај нас има регулатива за присуство на жените во политиката.
Билјана Радоњанин од „Ексивизит“, исто така, член на Управниот одбор, посочи дека Асоцијацијата е отворена за нови членови и ги повика жените помасовно да се зачленуваат. (Ек.Р.)
|