17.01.2013, 14:22 Ќе се отвора поставката во Музејот на Старата скопска чаршија
Поставката треба да претставува единствен пример во нашава земја на среќно решена експозиција во еден културно-историски споменик
Најавената постојана музејска поставка во Музејот на Старата скопска чаршија, депанданс на Музеј на град Скопје која се наоѓа во Сули ан ќе биде отворена на 22 јануари во 11 часот. Ќе ја отвори градоначалникот Коце Трајановски.
Поставката се реновираше и адаптираше во 2011 и 2012 година, а според најавите треба да претставува единствен пример во нашава земја на среќно решена експозиција во еден културно-историски споменик, која има за цел да ја претс��ави историјата на Старата скопска чаршија и вредностите кои произлегле од неа, од 11. -12. век до денес.Се состои од повеќе области: археолошкиот дел ги презентира предметите добиени со археолошките истражувања во Чаршијата и во Скопското кале во континуитет од средниот век до османлискиот период. Преку монети и керамички предмети се добива слика за животот во Чаршијата и претстава за разновидната трговска и културна испреплетеност на овој простор.
Историскиот дел, преку раскажаната историја на левиот брег на реката Вардар од 11. век наваму, преку изложени фотографии, карти и планови, го прикажува основањето, развојот и животот на Старата скопска чаршија, како и историјатот на позначајните културно-историски споменици во чаршијата. Етнолошкиот дел го презентира животот во Чаршијата преку неговите најдоминантни професии: занаетчиството, трговијата и угостителството кои егзистираат во сосема изменет вид. Главен акцент е ставен на повеќе занаети: ќурчиско-кожуварски, папуџиски, терзиско-срмаџиски, кујунџискиот, казанџиски и др.
Поставката е придружена со уметнички дела инспирирани од мотивите на Чаршијата. Застапена е првата генерација на македонски современи ликовни уметници (Мартиновски, Пандилов, Владимирски, Коџоман и др.), како и дел од современите ликовни уметници на Македонија (Анастасов, Мазев, Перчинков и др.).
|