13.01.2013, 15:24 Бозата е „апче“ за душата
Слаткарницата „Апче“ со децении е асоцијација на добрата боза, традиционалните слатки, незаменливите вкусови. Белег на Дебар Маало
Боjан Шашевски
„Слаткарскиот занает датира уште од времето на прапрадедо ми Кадри Шефит Исман, уште од 19 век, некаде од 1889 година. Почетоците на ’Апче’ се токму од тој период, можеби и претходно. Низ децениите љубовта кон слаткарството се ширеше по браќа на нашите дедовци и татковци. Работеле во Бугарија, Русија, Турција. Низ разни предели. Сите биле слаткари мајстори. Останавме такви“, раскажува Кадри Елам, кој заедно со брат му Кадри Мефаил, внукот Невзат и ќерките ја продолжуваат приказната за слаткарницата „Апче“.
Оваа слаткарница со години е асоцијација на добрата боза, традиционалните слатки, незаменливите вкусови. Идиличен белег на Дебар Маало. Сигурно не постои човек што барем еднаш не седнал на масичките спроти Универзална сала и се почестил со лимонада, еклер, индијанка, шампита... Нема странец што минал во „Апче“, а дома да не се вратил и дарувал убави зборови за бозата.
„Првата продавница беше отворена во 1951 година на аголот на автобуската станица во Дебар Маало. Се' беше со ниви, како пустелија. Урбанизацијата дојде подоцна. Во 1966 година по земјотресот се направи улица, а од 1967 сме на локацијата што ја гледате и денес“, раскажува сопственикот Кадри Емал.
Низ годините, муштерии им биле големи писатели, светски патници, туристи, уметници, политичари, спортисти, актери, музичари...
„На масичките од ’Апче’ седнаа Гоце Тодоровски, Ванчо Петрушевски, Ацо Снагата, Тошо Малерот, Фрчкоски, Протоѓер, Синан Сакиќ, Здравко Чолиќ, Калиопи, талентот Симон Трпчевски, мојот школски другар режисерот Милчо Манчевски, првиот претседател Киро Глигоров. А, доаѓаше и Борис Трајковски. Тој ми беше многу драг пријател. Беше голем човек, со огромно срце. Знаете, минувале скоро сите позначајни политички фигури, независно од која гарнитура. Знаат дека ќе добијат незаменлива боза, лимонада, еклер, боровинка. Секогаш квалитет!“, раскажува Кадри, присетувајќи се дека на владиката за Велигден редовно му праќал баклава, а турбофолкерката Цеца насекаде ја носела својата слика со бозата од „Апче“.
Слаткарот не ја открива тајната за далеку познатата и призната боза. Единствено раскажува дека е потребна посебна подготовка за речиси секој период од годината. „Исто како за бебе што се грижиш и кога му е ладно и кога му е топло. Мораш постојано да ја пробуваш и да држиш ритам. Континуитет. Ако пробам и не ми се допаѓа, фрлам и по еден или два тона боза. Не можеш да излажеш стар дебармаалец и да му протуриш друг рецепт. Стави му во 100 различни чаши, веднаш ќе ја препознае нашата боза. Легендата мора да продолжи. Мора да се чува. Почит кон муштериите, а тие враќаат почит кон мене. Тоа го покажуваат и благодарниците низ дуќанот. Кај мене ништо не може да ги уништи традицијата и препознатливиот вкус. Јас сум еснаф човек. Од семејство со долга и богата еснафска историја“, гордо и со полна душа раскажува Кадри Елам. Вели, смесата на бозата доста тешко се погодува, треба мајсторство. Бара трпение, умешност и љубов кон работата.
Низ годините на Кадри му нуделе разни бизнис-планови, да продава поинакви производи, но останал на своето. Приказната за „Апче“ ја гради заедно со верните муштерии. „Многу е важен образот. Се гради со години, а се руши само за миг“, ќе каже слаткаџијата.
За 62 години „Апче“ ниту еден ден не е затворена. Единствено кога се реновирала. Имиџот го создал во Дебар Маало, а го задржал со дебармаалци и со сите искрени пријателства. „Овде сите се добредојдени, секогаш владее соживот. Тоа ќе продолжи, мора да продолжи“, вели Кадри.
Која е тајната на бозата?
Подготовката на бозата има долга процедура, финеси што се запазуваат. Се прави со вода, брашно, квасец, шеќер, но и состојка и финален допир кои ќе останат во кругот на семејството. Единствено, познато е дека се меси, потоа се вари во казан на 300-400 Целзиусови степени. Ферментира околу 60 часа за да биде подготвена за консументите. Останатото е слаткарска магија.
„Имаме најдобра боза во Македонија, на Балканот, познати сме насекаде во светот! Победив на повеќе регионални и светски натпревари за боза. Знаете ли дека бозата го под��брува притисокот, видот, се употребува за главоболки, ја пијат трудници, доенки. Дава елан на душата, таа е вид еликсир. Кога е топло постојано доаѓаат велосипедисти и земаат боза во шишиња, не пијат вода“, кажува газдата со ведрина на лицето.
Како „Апче“ го добила името
Некој човек го болело главата, постојано пиел апчиња, но ништо не му помогнало се' додека не се напил боза од „Апче“. Веднаш му поминале болките. Наредниот пат влегол во слаткарницата и на бозаџијата му побарал едно „апче“. Оттогаш дуќанот го носи тоа име.
„Слаткарството е уметност. Технологијата не може да ја замени традицијата. Порано татко ми и дедо ми рачно го месеа тестото. Децении наназад бозата ја носеа на грб, криглите на рамен и одеа низ улиците и продаваа. Сега има машини, фрижидери, но ништо не го менува дрвеното буре во кое се чува бозата. Рокот на бозата е три до четири дена, но народот не дозволува да скисне“, вели мајстор Кадри.
|