03.08.2012, 14:31 Ристеска 43. на 400 метри

На патеката од 400 метри таа не успеа да истрча со најдоброто свое време, односно оствари резултат од 1,00.86 или 2,99 секунди послабо од нејзиниот најдобар резултат во оваа дисциплина
Христина Ристеска го освои 43. место меѓу 45 атлетичарки што остварија пласман во квалификациите на 400 метри на Олимписките игри во Лондон. Дваесетгодишната прилепчанка патеката ја истрча за 1:00,86 минути, што е послабо за речиси три секунди од нејзиниот личен рекорд од 57,87 сек., а најдобриот резултат сезонава и' е 58,98 сек. Таа трчаше во четвртата квалификациска група, во која најбрза беше една од фаворитките за највисок пласман, Американката Сања Ричардс, која оствари време од 51,78 сек. Најдобра во првата рунда беше Аментл Монтшо од Боцвана со 50,40 сек.
Според резултатот, македонската олимпијка беше подобра само од Зурах Али од Џибути, која истрча 1:05,37 мин., како и од Замзам Мохамед Фарах од Сомалија (1:20,48 мин.). Две натпреварувачки не ја завршија трката, една беше дисквалификувана, а една не стартуваше.
Со утрешниот настап на атлетичарот Кристијан Ефремов завршува учеството на македонскиот квартет на Игрите во Лондон. Тој ќе трча во четвртата група на 400 м, а почетокот на квалификациите е во 11,35 ч. Личниот рекорд, воедно и најдобар резултат сезонава за 21-годишниот велешанец, е 48,26 сек. и е подобар од пријавеното време на само тројца од 59 натпреварувачи во оваа атлетска дисциплина. (Р.Д.) |