30.07.2012, 19:06 Милевски на клупата, Гешоски во нападот
Асистентот на Илчо Ѓорѓиоски ќе биде в.д. тренер со назначување на новиот шеф
Боби Милевски стана шеф во соблекувалната на Вардар, откако тренерот Илчо Ѓорѓиоски во неделата стана шеф во Фудбалската федерација на Македонија. До назначување на нов кормилар на црвено-црните Милевски доби доверба да ја врши должноста со првата екипа. За наследник на Илчо Ѓорѓиоски чаршијата почна наголемо на ппекулира со кандидати. Најчести кои може да се слушнат низ кулоарите се поранешниот селектор на Македонија, Ѓоре Јовановски и Чедомир Јаневски.
Во меѓувреме Вардар го доби и шестото и, веројатно, последно засилување на тимот пред стартот на новата сезона во македонската прва лига во која вардарци влегуваат со амбиции да ја одбранат шампионската титула и да ја нападнат онаа во купот. Клубот го засили нападот со Благоја Гешоски (31) од 11 Октомври, тим кој во минатата сезона не успеа да го сочува прволигашкиот статус. Договорот со фудбалерот гласи на една година со можност за негово продолжување за уште една. Гешоски во кариерата има настапувано и за Милано, Победа и Металург. Во Вардар е шесто ново име ова лето по Александар Темелков, Драган Ѓорѓиев, Борче Маневски, Нигериецот Абрахам Алеченву и Шпанецот Хорхе Хименез. (С.Д.) |