30.07.2012, 11:33 Вана Урошевиќ изложува во Цетиње
Делата на Вана Урошевиќ нудат соочување со експликацијата на поимот страв
На покана на Народниот музеј на Црна Гора од Цетиње, во тамошната галерија „Ателје Дадо“, денеска ќе биде отворена самостојна изложба на македонската уметница Вана Урошевиќ, која ќе се претстави со дела што во согласност со нејзината досегашна творечка преокупација, се во константна релација на истражување на манифестациите што се движат на границата меѓу личната и колективна свест и потсвест.
Делата нудат соочување со експликацијата на поимот страв, како и на универзалните човечки гревови и страдања поради нив. Гротескните глетки, со различни акцентирани моменти се извезени на свила.
Вана Урошевиќ се занимава со сликарство, видео и инсталации. Добитничка е на наградата „Димитар Кондовски“ на Зимскиот салон на ДЛУМ, на Првата награда за интермедијално дело на 9. Меѓународно биенале на минијатура во Горњи Милановац, а во 2003 година ја претставуваше Македонија на ликовното Биенале во Венеција. Реализирала повеќе самостојни изложби. (К.Б.) |