01.08.2012, 14:26 „Свадбата на Дорќол“ на Томислав Османли во српското списание „Улазница“

Во списанието „Улазница“ расказот е објавен на српски јазик, а во исто време во две продолженија се појавува во бриселското сефардско списание „Лос муестрос“
Во најновиот број на литературното списание „Улазница“ од Зрењанин објавена е новелата „Свадбата на Дорќол“ на Томислав Османли. Овој прозен текст е дел од збирката прози на еврејски теми „Светилка за Ханука“ чии текстови имаа повеќе меѓународни објави.
Во двобројот 229-230 на списанието „Улазница“ расказот е објавен на српски јазик, а во исто време во две продолженија се појавува и во актуелниот, како и во идниот број на бриселското сефардско списание „Лос муестрос“, таму во превод на англиски јазик. Раскажува приказна за Јехуда Давидовиќ и неговата избраничка Алегра, а паралелно опфаќа и богата галерија ликови од еврејската населба на питорескните белградски квартови Дорќол и Јалија.
Османли им ја посветува новелата „на сенките и на горчливите треви на Фрида Филиповиќ“, позната белградска и југословенска авторка, сценаристка на филмот „Мирно лето“ и пријателка на неговото семејство. Таа е и писателка на бележити прозни книги, меѓу кои има и посветени на еврејски теми, како романите „Горчливи треви“.
Од македонски јазик расказот „Свадбата на Дорќол“ го преведе Зоран Ж. Пауновиќ, кој е автор и на преводот на романот „Дваесет и првиот“ на Томислав Османли. Српскиот превод на романот е помогнат од меѓународната преведувачка мрежа „Традуки“ и наскоро треба да се појави во Белград. |