27.07.2012, 12:12 (ИНТЕРВЈУ) Сексот е само средство за смирување
Ведрана Рудан, писателка, колумнистка, жена што е на „ти“ со иронијата и сарказмот
Валентина Тодоровска
За Ведрана Рудан зборовите, пишани или кажани, се се' - се врзува за нив, зашто ја толкуваат, објаснуваат и се моќни во креирањето на реалноста. Ведрана е ретка персона на бившите ју-простори, нејзиниот потпис стои зад романите: „Црнци у Фиренци“, „Дабогда те мајка родила“, „Ја неверница“, „Кад је жена курва, кад је мушкарац педер“, „Љубав на последњи поглед“, „Страх од плетења“, „Ухо, грло, нож“ и последната „Костури округа Медисон“. Поради смелоста работите да ги нарече со вистинско име, многумина ја нарекуваат хрватска Ерика Јонг, ама дефинитивно, секоја нејзина колумна предизвикува голем медиумски интерес. За пишувањето, како и за сексот вели дека е занает, совладување на техника, нешто како пливање, или нуркање, многу често, по интуиција и без опрема. Жена без влакно на јазик, без лажен, а уште помалку - двоен морал.
Пред да Ви дадам комплимент за изгледот, сакав да Ве прашам имаат ли вашите години некаква роднинска врска со Вашата надворешност? Го чувствувате ли забот на времето? Дали го сакате предвидливото, бавното темпо на животот, како што е тоа обично за време на горештините и тропските температури. Како го поднесувате летото?
„Жегата подобро ја поднесувам бидејќи дома имам клима-уред. Читам, се допишувам, пишувам текстови за мојот блог www.rudan.info. Не мислам дека животот ми е бавен ниту удобно завиен, затоа што често патувам: Австрија, Италија, Шпанија, Србија. Секаде сум повеќе отколку што сум дома. Што се однесува до „забот на времето“, да, го чувствувам, но имам среќа денеска својата енергија, што е евидентно многу помала од пред триесет години, да ја трошам на убави работи, на уживање, а не на робување за да преживеам.“
Ви овозможува ли популарноста на раат да испиете кафе во град, да се нурнете по рафтовите кога се попустите, да се ценкате на пазар? Сакате пазари? И колку на вашите домашни им годи, колку се прават важни „што се ваши“?
„Во Риека сите нормално се движат. Моите сограѓани ја оставаат на мира Јаница Костелиќ и Иван Љубичиќ, кои се вистински ѕвезди, па навистина би било лудило мене да ме „дават“ додека пијам кафе. Дека сум луда по пазари- и не сум. Мразам готвење, па на пазар одам само по овошје. Е таму се наоѓа моето омилено ресторанче „Fiume“, па затоа ме има каде што не сакам да сум. „Моите домашни“ се мојот маж, а за него немам поим дали се прави важен што е мој. Ама јас се правам важна затоа што имам маж ко�� во Ријека е попознат од мене, адвокат што брани убијци, дрогераши, криминалци од широк спектар, што во овие возбудливи времиња предизвикува многу повеќе внимание од некоја си писателка.“
Освен еден превод на македонски - „Црнци во Фиренца“, по нашите книжарници ги нема другите ваши книги. Колку ви е важен македонскиот пазар и како комуницирате со нашите издавачи?
„Вашите издавачи се сиромашни - оние што имаат пари нејќат да ми платат, а оние што немаат, не се осмелуваат да ме бараат. Што да кажам освен дека би ми било мило книгите да ми се преведат на македонски.“
Читајќи го вашиот став што го испорачувате преку напишаното, се' си мислам дека вие Ведрана сте создадени за лидер, водач. Кој повеќе ве сака (мислам на читатели) мажите или жените? Мисли ли спротивниот пол дека сте опасна?Ве одбегнуваат ли?
„Не сум водач. Од каде Ви е идејата дека би можела да бидам на чело на некоја војска? Кои би биле војниците? Граѓаните на Хрватска толку се „усрани“ пред животот, што не им паѓа на ум да создадат некаква војска и да тргнат во војна против нашите робосопственици. Знам колкави кукавици се. Да имав амбиции да го спасувам светот, тие би биле последни што би ги повикала во војна. Инаку, мажите никогаш не мислеле дека сум опасна. Цел живот бев опкружена со нив и секогаш јас го правев изборот. Не ми се плашат и немаат зошто, но сепак јас со нив имам голем проблем. Поголемиот дел од оние со кои бев и што и ден-денес ги среќавам се здодевни до бескрај. Главно, затоа сум со маж ми, со син ми или со комшискиот мачор. Тој се вика Ѓуро..“
Какви совети би им дале на жените, кревките во мислата, на оние што од пријателките, од магазини бараат совети за љубов, живот, постоење? Од кого вие сакате да слушнете некој збор на охрабрување? И, кои се вашите пријателки?
„ Од мене никој никогаш не барал совет. Пријателки немам. Жените се како мажи, имаат куп проблеми, знаат да кукаат над својата судбина, ама ретко која од нив би излегла од лоша врска или би ја сменила работата што им ја одзема енергијата, времето, нервите и им ја убива животната радост. Не ги сакам многу женските друштва ниту пак кукање над женската судбина- „тој не ги мие нозете, децата се диви и себични, мајка му постојано ѕврцка, тој многу пие, постојано гледа фудбал, наместо да ме држи за рака“... Баш ми е гајле што ги мачи жените кои со домашните ѕверови не знаат да излезат на крај. Патем, дома немам дивјаци, за тоа се изборив, па затоа и немам разбирање за женските маки. Јас не треба да се охрабрувам, знам да излезам на крај со животот.“
Во вашите книги сексот е „радо виден гостин.“ Колку тоа спојување може да ја спаси планетата? Ако поради ништо друго тогаш поради мирот да не избувнеме кога ќе најдеме поплава по туширањето, испрскани кремови...
„На сексот секогаш сум гледала како на средство за смирување. Ако жена ги совлада основните техники, со кој било маж може да дојде до оргазам. Сексот е како продавница, а како тема преценет или ми се чини, затоа што имам 63 години, па сум заборавила со колку уживање сум се тркалала по многу кревети и ливади. А дека сексот може да ја спаси планетата, се сомневам. Господарите на светот имаат премалку секс, затоа и не се опуштени и затоа наскоро ќе не' изеде ледената доба.“
Како се браните од поистоветување? Кога се' што ќе напишете, луѓето по навика го поврзуваат со вас? И, што Вие сакате да прочитате, што Ви прави милина во душата, умот?
„Воопшто не ме возбудува тоа што некои ме поистоветуваат со моите хероини. Тоа е нивен проблем. Важно е да ми ги читаат книгите. А јас...Јас секогаш читам само најдобро. Моментално, по којзнае кој пат приказните на Фланери О’Конор. Кога ги читаш големите писатели, ама баш големите, најголемите, тоа ти покажува каде ти е местото, па кога некој на улица воодушевено ќе ми се закачи на врат дека сум најголемата писателка на светот, нема шанси да му поверувам.“
Од она што дозволувате да видиме, Вие сте слободна жена. Мислам во однос на слобода од потребата да им се допаднете на сите. Сепак, дали треперите од судот на своите деца? Знаат ли тие да претераат?
„Никогаш не ме интересирало ниту пак ќе ме замисли мислењето на моите деца. Тие мои деца одамна престанаа да бидат деца и уште помалку - мои. Возрасни луѓе се кои за мене мислат којзнае што. Никогаш не зборуваме за тоа. Сигурна сум дека имаат доволно проблеми и дека мајка им не им е темата. Се согласуваме и се сакаме, затоа што се почитува дека возрасните луѓе на животот гледаат поинаку. Јас сум мајка на која и е важно да се здрави, а тие се деца што се обидуваат барем еднаш дневно да потврдат дека тоа е така.“
Што сакате во Хрватска? И со оглед на тоа што Македонија не ви е непознат терен, што сакате кај нас?
„Да имам доволно пари би ја напуштила Хрватска истиот момент. Би отишла да живеам во Фиренца. Во Македонија, којашто не ја познавам доволно, ги сакам пејзажите. Високите ридови, егзотичното за мене Скопје, Охрид кој наликува на град од сликовница. Вашата храна ме воодушевува. Зеленчук и благи работи. Тоа единствено и го јадам. Затоа за мене Македонија е ветена земја.“
Мечтаете ли за одмор, море, сонце... Каде најчесто бегате? Уживате?
„Живеам во Риека, град искапен од сонце, моментално е плус 40 и топлината е последното нешто што како среќа ми паѓа на ум. Не уживам во мир, не ме интересираат плажите и прошетките низ боровите шуми. Луда сум по градовите. Колку поголеми, толку подобро. Москва, Њујорк, Лондон, Берлин, Мадрид, Билбао, Лисабон. Сакам градови, не сум романтична и не сонувам за одмор во куќичка на пуст остров. Можеби затоа што ми е многу важно во мојата близина да има добро опремена болница.“
Дали за некаков баснословен износ би учествувале во некое реално шоу?
„На ова прашање наједноставно е да одговорам „не“! Меѓутоа знам дека секој има своја цена, па ја имам и јас. Не знам колкава е, ама веројатно би ја препознала кога некој би ми ја спомнал. Парите во животот се многу важни, а секој што зборува поинаку, лаже. Со нив може да се купи здравје и душевен мир, а тоа на многумина им е најважно. Не сакам реални шоуа, жал ми е за луѓето што својата интима ја продаваат за ситни пари за месец или два да бидат „ѕвезди“. Меѓутоа живееме во време каде што секој нормален сака да е ѕвезда, па и на ден-два, затоа и ги разбирам. Не сакам да ги осудувам луѓето и да делам памет. Поголемиот дел од луѓето знае што сака од животот, или мисли дека знае, па која сум јас да им делам правда?“ |