02.08.2012, 15:25 Хрватското дуо „2Cellos“ вечерва во Охрид
На концертот вечерва рекоа дека ќе изведуваат нивни обработки на светски познати композиции
Виолончелското дуо од Хрватска „2Cellos“ вечер на сцената на Античкиот театар ќе одржи целовечерен концерт како дел од музичката програма на фестивалот „Охридско лето“. Како и секоја година, фестивалскиот термин на празникот Илинден е резервиран за настап на атрактивни гости, овојпат со хрватските виртуози Лука Шулиќ и Стјепан Хаузер, кои првпат ќе се претстават пред македонската публика.
Двајцата уметници денеска на прес-конференција во Охрид нагласија дека им претставува посебно задоволство кога настапуваат на овие простори кои ги сметаат за свои, особено поради емотивните врски што ги остваруваат со публиката.
На концертот вечерва рекоа дека ќе изведуваат нивни обработки на светски познати композиции. Финалето на концертот на Античкиот театар ќе биде збогатено со придружба на тапанарот Душан Крањц кој, како што рекоа самите уметници, ќе придонесе целата енергија на концертот да се подигне за уште едно скалило.
Во овој период имаат преполна агенда со околу 200 настапи годишно. Покрај гостувањата, веќе го привршуваат вториот албум што е предвидено да биде објавен во јануари идната година.
- Тој наш нов проект ќе биде реализиран со многу гости уметници - вокалисти и инструменталисти. Снимаме спотови за тие композиции, сето тоа го привршуваме. Новиот албум го работиме со познатиот продуцент Боб Езрин, кој има работено со многу познати имиња како „Кисс“, „Пинк Флојд“, Алис Купер, Питер Габриел, што е за нас голема чест, рече Шулиќ.
По концертот во Охрид двајцата млади уметници на 18-ти овој месец ќе настапат во Сплит, но и во Загреб на 29 август каде ќе свират заедно со познатите „Ред хот чили пеперс“. Планираат на крајот на оваа година да имаат концерт и во Белград.
Хаузер и Шулиќ свират виолончело од раното детство. Шулиќ музичко образование стекнал на Ројал колеџот во Лондон, додека Хаузер на Ројал нортерн музичкиот колеџ во Манчестер. Имаат настапувано во познатите Вигмор и Ројал Алберт Хол во Лондон, на сцените во Амстердам, Виена.
Шулиќ е добитник на повеќе меѓународни награди, вклучително и на Прва и Специјална награда на Меѓународниот натпревар „Лугославски“ во Варшава. Хаузер, кој е последен ученик на големиот Мстислав Ростропович, бил првак на дури 21 меѓународен натпревар. Двапати има настапувано пред англиското кралско семејство во Бакингемската палата во Лондон. |