03.08.2012, 15:50 Русија демантира дека нејзини бродови се упатиле кон Сирија
Руското Министерство за одбрана попладнево демантираше дека бродови на Воената морнарица на Русија се упатиле кон руската воена база во сириското пристаниште Тартус.
Соопштението претставува реакција на информациите што ги преносоа некои медиуми дека три големи десантни бродови на руската Северната флота, кои во моментов се наоѓаат во Средоземното Море, се на пат кон сириското пристаниште Тартус.
Медиумите, повикувајќи се на извор во Генералштабот на руските Вооружени сили, јавија дека трите брода натоварени со маринци кон крајот на оваа или на почетокот на следната недела ќе пристигнат во руската база во Тартус. Според истиот извор, на секој брод има по 120 маринци опремени со автоматско оружје и воена техника.
Истиот извор додаде и дека кон трите десантни бродови ќе се приклучат уште три бродови од составот на руската Црноморска флота и од одделенијата на руската Морнарица во Северното Море.
Во пристаништето во Тартус се наоѓа единствената активна военa база на Русија надвор од територијата на поранешниот Советски сојуз. |