01.08.2012, 18:07 НБРМ ja намали прогнозата за растотот на БДП годинава
Се очекува еден отсто раст на БДП годинава, а 3 проценти во 2013-та
Околу еден отсто раст на Бруто домашниот производ годинава, а 3 проценти во 2013-та, е најновата ревидирана проекција на Народната банка на Република Македонија.
Претходната проекција на централната банка за растот на македонската економија за 2012. беше два, а за наредната година 3,7 отсто.
Најголемо влијание врз движењата во економијата, според оценката на НБРМ, има ограничената надворешна побарувачка за македонските производи.
- Влошениот глобален амбиент е главниот ризик во нашата проекција. Макроекономските проекции за економии како што е македонската, мала и затворена во голем дел се потпираат на надворешните движења, односно на претпоставките за движењата кај нашите најголеми трговски партнери. Во изминатите три месеци ризиците што произлегуваат од европската должничка криза се зголемија, имаше повторно зголемување на неизвесноста на финансиските пазари произлезена од случувања со европската должничка криза и се она што се случуваше во некои европски земји во вториот квартал на оваа година. Како резултат на тоа се влошија и перцепциите за глобалната економија, рече на денешната прес-конференција гувернерот на НБРМ Димитар Богов.
Tој посочи дека странската побарувачка за македонските производи останува иста како и во претходната проекција, намалување се очекува во 2012 година, а умерено зголемување во текот на наредната година.
Гувернерот очекува закрепнување на извозниот сектор наредната година и тоа од 0,5 проценти позитивен раст на странската ефективна побарувачка, меѓутоа, истакна, неизвесноста е голема.
- Евентуалното пролонгирање или продлабочување на кризата во еврозоната може соодветно да се одрази врз движењето во македонската економија и исто така да влијае на капиталните приливи, рече Богов кој додаде дека закрепнувањето за наредната година ќе биде поддржано од подобриот амбиент, структурните промени и инвестициите на државата.
Годинава домашната побарувачка ќе биде умерена и се очекува нејзино зајакнување во 2013. како резултат на најавените странски инвестиции и јавните инвестиции.
За економија како македонската, според Богов, од големо значење се движењата во платниот биланс. За 50 проценти зголемени се приливите од менувачкиот пазар во првото полугодие. До крајот на годинава и наредната година се очекува постепено забавување на приватните трансфери. Трговскиот дефицит се очекува да биде стабилен годинава и да има умерено стеснување наредната година. Се предвидува незначително поместување на дефицитот на тековната сметка годинава и наредната година, и умерен пораст на девизните резерви до крајот на оваа и во наредната година.
Просечната инфлација за првата половина од годинава е 2,3 проценти, а се очекува дека и годинава и наредната ќе биде околу 2,2 проценти. Проекцијата е без поголеми промени, вели Богов, но е со поизразени нагорни ризици кои доаѓаат пред се од очекуваните повисоки цени на храната.
Народната банка постојните монетарни услови ги оценува како соодветни, односно ја задржува истата каматна стапка и останува на потребата за натамошно редовно следење на движењата и по потреба навремено реагирање.
Гувернерот потеницра дека банкарскиот систем се уште бележи висока стапка на адекватност на капиаталот од 17,5 отсто, висока ликвидност и релативно стабилно учество на нефункционалните пласмани од 9,9 проценти во првиот квартал од 2012 година. |