01.08.2012, 17:48 Честитка од премиерот Никола Груевски по повод Илинден
Најголемиот македонски празник – Илинден е ден кој не задолжува, не инспирира и не обединува
Најголемиот македонски празник – Илинден е ден кој не задолжува, не инспирира и не обединува. На овој празник се поклонуваме на славното дело на револуцијата, на храброста, доблеста, на љубовта кон Татковината, пишува премиерот Никола Груевски во својата честитка до граѓаните по повод Денот на Републиката.
Честитајќи го празникот, тој истакнува дека со него се слави традицијата на славните илинденски генерации, големиот број револуционери и борци и знајни и незнајни јунаци, нивниот идеал, посветеност, жртва и одговорност.
- Си спомнуваме за тешките маки на нашиот народ, но и за избликот на национален напон и стремеж за слобода и сопствена држава, собиран со векови наназад, истакнува претседателот на Владата, спомнувајќи ги Илинден 1903 како кулминација на сите претходни востанија и индивидуални гестови на лична саможртва, и Првото заседание на АСНОМ на кое се верификуваа придобивките од Народноослободителната борба, а вековниот сон на македонскиот народ за сопствена држава, почна да станува реалност. „На тој ден, пишува премиерот во честитката, во манастирот Св. Прохор Пчињски, делегати од сите краишта на Македонија го издигнаа на пиедестал големиот дострел на нашиот народ и ги поставија темелите на современата македонска држава. Се поклонуваме пред ваквиот историски чин“.
- Она што во минатото било стремеж за слобода, денес е стремеж за развој, просперитет и подобар живот за нашите граѓани. Она што во минатото било борба за сопствена држава, денес е борба за повеќе работни места, за повеќе инвестиции, за посилна економија, за интеграција на земјата во НАТО и Европската унија, за подобро здравство, за подобро образование, за просперитетно земјоделие. Она што останало исто од минатото, е борбата за чест, за права и за национално достоинство. Таквата борба никогаш не запира, стои во честитката на премиерот Груевски. |