01.08.2012, 18:14 НАТО треба да остане во Авганистан се додека не си ја заврши работата
Силите на НАТО треба да останат во Авганистан се додека не си ја завршат работата поради која се отидени таму, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин.
- Алијансата треба да остане (во Авганистан) и по планираното повлекување на борбените единици во 2014 година. Жално е што земјите кои се инволвирани во Авганистан мислат само како да си заминат од таму. Тие ја презедоа таа обврска и треба да ја исполнат до крај, изјави Путин по средбата со припадниците на руските падобранско-десантни единици во градот Уљановск.
Тој нагласи дека Русија е заинтересирана за тоа да има мир на нејзините јужни граници, па затоа му помага на НАТО во транспортот на резерви и намирници во Авганистан.
- Сега во Авганистан има постојано присуство на војници на НАТО и ние треба да им помогнеме, додаде Путин.
Рускиот претседател потенцира дека и покрај одредени несогласувања, Русија соработува со НАТО по многу прашање, како што се борбата против поморското пиратство и тероризмот, бидејќи тоа е во согласност со нејзините национални интереси. |