28.07.2012, 00:52 Заедништвото е најважниот олимписки идеал
Кралица Елизабета им посака на спортистите од сите земји-учеснички на Олимписките Игри да имаат успешни и радосни Игри
Британската кралица Елизабета Втора го истакна синоќа во Лондон заедништвото како најважното од олимписките идеали и им посака на спортистите од сите земји-учеснички на Олимписките Игри да имаат успешни и радосни Игри, кои засекогаш ќе им останат во паметење.
Во своето кусо обраќање до шефовите на држави и влади, монарси и членови на кралски семејства од сите страни на светот кралицата рече дека и претставува задоволство што вечерва ќе ги отвори годинешниве Игри, кои по трет пат се одржуваат во Лондон.
Таа потсети дека првата лондонска Олимпијада во 1908 година, ја отворил нејзиниот дедо кралот Џорџ Петти, а втората во 1948 година, нејзиниот татко кралот Џорџ Шести.
На приемот во Бакингамската Палата присуствуваа лидерите и највисоки функционери на 95 странски земји-членки на Меѓународниот олимписки комитет на чело со претседателот Жак Рог, како и највисоките политички функционери од Велика Британија.
Меѓу почесните гости кај кралицата Елизабета беше и претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов. Сите гости по приемот заминаа во Олимпискиот Парк, каде на главниот олимписки стадион го следеа церемонијалот на свеченото отворање.
Ова е втората Олимпијада, која кралицата Елизабета свечено ја отвора. Првата беше во 1976 година, во Монтреал која кралицата ја отвори како суверен и на Канада. |