01.08.2012, 18:26 По 33-ти пат Илинденски пливачки маратон на Охридското Езеро
Bо утрешниот 33.Илинденски пливачки маратон ќе учествуваат шеесеттина пливачи од Македонија, Русија, Молдавија, Холандија, Бугарија и Србија
Шеесеттина пливачи од Македонија, Русија, Молдавија, Холандија, Бугарија и Србија ќе учествуваат во утрешниот 33-ти по ред Илинденски пливачки маратон што традиционално се плива во водите на Охридското Езеро, на патеката од плажата кај Горица до градското пристаниште во должина од 2,5 километри.
Пливачите се поделени во две староски категории, со тоа што постарите од 16 години ќе тргнат од стартот во 16, додека оние помладите во 16:30 часот. За најдобрите пливачи обезбедени се пехари и парична награда од по пет илјади денари.
Организаторот на маратонот, охридскиот пливачки клуб „Охридски бранови“ по повод одбележувањето на 80-годишен јубилеј од основањето, ќе му доделу плакета на Александар Маленко, најуспешниот пливач, кој излегол од редовите на клубот. Плакети уште ќе добијат и Пливачката федерација на Македонија, Агенцијата за млади и спорт, Советот на Општина Охрид, како и спонзорите и помагателите на клубот.
Минатогодишните победници на малиот пливачки маратон на Охридското Езеро, Марко Блажески и Симона Маринова, како членови на македонската олимписка експедиција нема да учествуваат на утрешната трка. |