29.07.2012, 17:32 Комплетна климатизација на Детската клиника во Скопје
За изградба на централна климатизација и вентилација на Детската клиника се обезбедени 40 милиони денари
Владата на Република Македонија донесе одлука за реализација на проектот за изградба на централна климатизација и вентилација на Детската клиника во Скопје, за што се обезбедени 40 милиони денари, информира денеска на прес-конференција владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Тој додаде дека веќе е изработен и проектот за климатизација и вентилација на Детската клиника, со кој е опфатен целиот простор од 7.000 метри квадратни, а е изработен од специјален тим машински инженери.
- Бидејќи постои голема веројатност во идниот период Детската клиника да се спои со други целини, проектот предвидува максимално флексибилно решение кое ќе ја обезбеди својата функција во секаква комбинација, по сите светски стандарди, истакна владиниот портпарол.
Системот, како што појасни, е проектиран со максимална енергетска ефикасност, и во лето и во зима максимално ќе ја постигнува потребната температура без особена потреба од поддршка од дополнително греење или ладење.
Ѓорѓиев информира дека Владата донела одлука Министерството за здравство во август да распише постапка за избор на изведувач на градежни работи, а по изборот да се започне со комплетно вградување на системот за климатизација и вентилација. Тој додаде дека се очекува на почетокот на следната година, најдоцна до вториот квартал од следната година комплетно да биде вграден системот за климатизација и вентилација на Детската клиника.
- Со изведбата на комплетната климатизација и вентилација, ќе се опфати комплетна промена на плафоните. Ќе се заменат светилките, ќе се вградат стандардни болнички светилки со опална завршна плоча за заштита од прашина и инфекции. Ќе се реконструира и системот за дојава на пожар, истакна тој.
Според Ѓорѓиев, вградувањето на систем за комплетна климатизација и вентилација на Детската клиника ќе биде од огромно значење за пациентите, за децата и нивните родители, и за медицинските лица кои таму работат, со што значително ќе се подобрат условите за работа и за обезбедување на здравствена нега, грижа и заштита. |